Шилегов: Градот Скопје, функционален град за безбедно пешачење и возење велосипед

//

Градоначалникот Петре Шилегов денеска се обрати на меѓународната конференција „Развој на урбаната мобилност за одржлив град и град во кој квалитетно се живее“ организирана од Градот Скопје во рамки на проектот CREATE, целосно поддржан од ЕУ Програмата Хоризон 2020.

На почетокот од своето обраќање, градоначалникот Шилегов го истакна значењето на тригодишниот проект во поддршката на градската администрација од Скопје да направи град во кој интересот за животната средина и здравјето на граѓаните ќе го надмине прашањето на сообраќајниот метеж.

– Имајќи предвид дека градот Скопје се наоѓа во Фаза 1, каде градските политики создавале град ориентиран кон овозможување повеќе услови за автомобилите преку адаптација на инфраструктурата и вложување во нови паркинзи, пред мене како градоначалник е еден од најголемите предизвици. Градот Скопје да го направиме функционален град во кој ќе обезбедиме квалитетен живот за сите граѓани, особено преку поттикнување промена на начинот на транспорт од патувања со автомобил на патувања со одржливи видови транспорт – потенцираше Шилегов.

Во својот говор градоначалникот Шилегов се осврна и на активностите за кои Градот се залага, а кои ќе придонесат за поттикнување на граѓаните за поголема употреба на велосипеди. Тоа опфаќа инвестирање во места за паркирање велосипеди, велосипедски патеки и рампи за пристап до недостапни јавни простори, физичко одвојување на велосипедските патеки и соодветна сигнализација.

– Сврти го градот без автомобил е нашата девиза, и во таа насока велосипедскиот сообраќај ќе биде дел од новото системско, еколошко и модерно решение за урбаниот транспорт. Велосипедот како основно превозно средство, како и комбиниран превоз за намалување на сообраќајниот метеж, се императивот за функционална и здрава животна средина – рече Шилегов.



На крајот од своето обраќање, градоначалникот истакна дека со предвидените политики на градот во областа на сообраќајот, се очекува тој да се растовари, функционалноста на градот да се зголеми, а граѓаните да имаат повеќе простор за безбедно пешачење и за возење велосипед.

CREATE или „Congestion Reduction in Europe – Advancing Transport Efficiency“ е проект за справување со урбаниот сообраќаен метеж на патиштата и како тоа да се постигне на долгорочен период, посебно во градовите со брз пораст на употребата на автомобилите. Главната цел на овој проект е намалување на сообраќајниот метеж во европските градови преку поттикнување промена, односно префрлање на патувањата со автомобил на патувања со одржливи видови транспорт како што се јавен транспорт, транспорт со велосипед и пешачење.

На меѓународната конференција „Развој на урбаната мобилност за одржлив град и град во кој квалитетно се живее“ присуствуваше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

Претходна статија

Удар за Јувентус: Квадрадо мора на операција

Следна статија

Н. Геворќан: Претседателството на Путин е трагедија за Русија

Најново од Вести