ШТИПСКИТЕ ЕПИДЕМИОЛОЗИ ПОЧНАА СО ТЕСТИРАЊЕТО НА РАБОТНИЦИТЕ ОД ПЕТТЕ КОНФЕКЦИИ
Дел од вработените во штипските конфекции денеска отидоа пеш на работа, јавува ТВ24. Се плашат организирано да се возат до работа. Полицијата контролира дали во автобусите што ги носат работничките на работа се почитува растојанието, се носат маски и дали редовно се дезинфицира.
Денес ќе има нов раст на бројот на заболени во Штип. Тој е очекуван со оглед на тоа дека беа земени брисеви од сите текстилни работнички од конфекцијата „Т-стајл“, а почна и скринингот и на 600 работнички од други пет конфекции што вчера беа затворени. Скринингот треба да заврши до понеделник. Досега се земени 200 бриса на три локации, а на на штипскиот Центар за јавно здравје му помагаат колеги од Кочани.
До крајот на неделата се чека одлука дали ќе има за карантин или полициски час за градот. Се зависи од бројот на заболените и почитувањето на мерките.