ШТО ГО ПРЕДИЗВИКУВА ЧУВСТВОТО НА ОМРАЗА И ЗОШТО НЕКОЈ ВЕ МРАЗИ

Пишува: Магдалена Стојмановиќ/ Мој збор

loading...

Сигурно сте ја слушнале синтагмата „Тенка е линијата помеѓу љубовта и омразата“ и покрај тоа што е повторена доволен број пати да се третира веќе како клише, сепак има многу повеќе вистина одошто мит во неа.

Чувството на омраза има сроден код со чувството на љубов, во таа смисла што љубовта има есенцијална симболика и општествен код, додека омразата нема свое автохтоно постоење, туку се изведува како нус ефект од деклинацијата од кодот на љубовта.

Ниту една религија, институција или група не учи на омраза, дури и верските фундаменталисти кои убиваат невини луѓе тоа не го прават во име на омразата кон нив или човештвото или друга религија, туку во име на љубовта кон Бог.

Омразата нема симболика, таа нема интеракциски код.

Според германскиот современ социолог, Никлас Луман, љубовта нема рефлексија во психолошкиот туку во општествениот систем. Таа треба да се треба да се третира како активност која дотколку е индивидуална, а не како доживување кое е субјективно.

Љубовниците во љубовта може да имаат пасивна и активна улога, но и двете улоги предизвикуваат страдање.

Љубовта како активен принцип

Додворувањето, водењето љубов, купувањето цвеќиња и пишувањето поезија се сметаат за активно делување на индивидуата кон објектот на посакување.

Љубовните перформанси во основа го содржат кодот на љубовта кој им овозможува на љубовниците да комуницираат врз точно утврдени правила.

Да се знае што е, а што не е љубов е прашање на успешноста со која кодот е имплементиран во љубовната комуникација.

Но никаде не постои гаранција дека кодот успешно ќе се имплементира, бидејќи покрај алгоритмите и правилата што се следат, постои и елементот на страст кој му дава поголема комплексност на кодот.

Страст

Страст е страдање и односот кон објектот на посакување е однос на трпност. Страста од заљубениот прави пасивен објект кој страда.

Страдањето извира од едноставна причина, заљубениот не може да го фиксира целосно објектот на посакување.

Објектот на посакување е флуиден, постојано се менува, комплексен е и не може да се подведе под простите операции на љубовниот код.

Заљубениот има чувство дека објектот на посакување го „мами“ е преголем во однос на кодот или калапот, а кога нешто е преголемо, некогаш го создава чувството на восхит, доколку е возвишено, или омраза доколку целосно го менува идентитетот на заљубениот.

Идентитетот на заљубениот

Да се биде заљубен, согласно кодот на љубовта, значи да се биде подреден на објектот на посакување. Подреденоста е резултат на разбирањето на објектот на посакување како совршен. Затоа во фолклорната лексика често ќе сретнете дека некој е совршен се додека сте заљубени во него.

Подреденоста на желбите на објектот на посакување, го намалува заљубениот се повеќе и повеќе, се до неговото конечно губење на идентитетот, подредување на објектот на посакување кој во еден момент му станува еквивалент, му станува се, кој е спремен дури и да го уништи доколку одлучи да се автономизира.

Одлуката објектот да се автономизира од заљубениот кој го изгубил својот идентитет може да биде кобна по објектот на посакувањето. Бидејќи заљубениот се чувствува веќе мртов доколку го изгуби објектот на посакување, а поголем е стравот да го изгуби во смисла на промена, отколку во смисла на физичко отстранување во постојаната форма.

Љубовта како слобода

Вечна дилема е дали љубовта ослободува или врзува до ропство. Секако на такво перенијално прашање, конкретен и точен одговор е невозможно да се даде.

Лаура која нам ни е позната преку Петрарка, нема никаква врска со реалната Лаура која била семејна, мажена жена, целосно посеветена на семејството, конзервативна и религиозна.

Лаура која била објектот на посакување на Петрарка, не ја познава дури ниту реалната Лаура. Петрарка никогаш не и кажал на Лаура дека е смртно заљубен во неа. Затоа што се плашел дека која било надворешна интервенција во неговиот објект на посакување, ќе одземе од совршенството со кое објектот на посакување се рефлектира кај заљубениот.

Лаура што ние денеска ја познаваме нема индивидуалност и нема идентитет, претставата за неа е производ на имагинацијата на Петрарка.



loading...

Во примерот со Петрарка, Лаура имала целосна слобода од заљубениот. Таа немала никакви обврски да ја правда љубовта на Петрарка, ниту да има каква било интеракција со него. Но таа била заробена во една претстава која ја надживеала и самата неа и Петрарка и уште многу наредни генерации.

Од друга страна надвор од рицарската поезија, љубовта во 17 век почнува да се разбира како интеракција и настанува концептот на романтичарска љубов кој се шири глобално со брзина на светлината се до денеска кога се одржува благодарение на мас медиумите.

Во романтичарската љубов, заљубените се ослободени од обврски, општествени улоги, тие не мора да бидат ќерки на аристократи, ниту синови на чиновници за да стапат во љубовна интеракција, слободно го избирале својот објект на посакување. Од својот објект не очекувале ниту статус, ниту улоги, иако добро е кога од романтичарската љубов ќе се дојде до брак што е институција со договорени правила на дејствување во насока на одржување на системот.

Од објектот на заљубувањето се очекувало да возвраќа, да интерактира, да има слобода да ги искажува своите емоции кон заљубениот, поради што и додворувањето станало подиректно, без посредници и без договорени средби.

Кога љубовта се претвора во омраза?

Многу често љубовта се претвора во омраза. Првиот тип на омраза е омраза кон објектот на посакување кој не се вклопува во кодот. Односно кој не реагира на интересот на заљубениот.

Доколку некој е заљубен во вас, а тоа не му е возвратено, голема е веројатноста дека ќе почне да ве мрази иако не сте му дале ниту еден конкретен повод за тоа, може дури и да не го познавате.

Од друга страна љубовта преминува во омраза кога објектот на посакување не ги исполнува ветувањата кон кои треба да се придржува откако влегол во љубовна интеракција базирана на правилата од љубовниот код. Живо суштество не може да не е подложно на промена и тоа секогаш ќе биде многу повеќе од она што е ограничено со кодот.

Поради промената на објектот на посакување, многу често љубовта преминува во омраза бидејќи објектот го доживуваме како предатор, или како преголем објект кој прави сенка на нашиот субјект и веќе го загрозува нашиот опстанок.

Трето, љубовта преминува во омраза кога објектот на посакување се третира како совршен. Единствен начин тој да остане совршен е вие да бидете денешниот Петрарка, во сите други случаи, поголема интеракција со објектот на посакување значи од одземање на совршеноството, бидејќи полека сфаќаме дека идеалната слика е поширока од реалната, што е сосема нормално.

Идеите кои се градат врз база на имагинација и врз база на искуство никогаш не кореспондираат целосно.

Кога полека ќе сфаќате дека објектот на посакување се повеќе отстапува од вашата идеја за него како совршенство, омразата може да биде продукт.

Кој е уделот на омразените во омразата

Сосема мал, скоро никаков. Луѓето кои ни даваат повод да ги мразиме веќе расчистуваат со нашата омраза и ние почнуваме да работиме на отстранување на реалниот проблем кој ни го предизвикале. Тоа се случува на свесно рамниште, а свевста ја исклучува можноста од појава на омразата која е комплетно ирационална и потсвесна.

Затоа ако некој ве мрази и не можете го поднесете тоа чувство, заслужете ја омразата, дадете му повод да ве мрази и чувството кај него автоматски ќе престане. Ќе се ослободите и вие од неговата омраза и тој од својата.

Од друга страна луѓето може да ве мразат бидејќи сметаат дека се обесправени од вас. Тоа не значи само дека вие директно сте им причиниле неправда, може да немате врска со нивните судбини.

Но тие ќе се чувствуваат обесправени ако сте убави, а тие не се, ако сте паметни, а тие не се, ако сте успешни, а тие не се.

Луѓето немаат секогаш капацитет да раберат дека „јаството“ е проект на кој се работи посветено, за сите свои состојби им е полесно да ја осудат средината, државата, Бог, природата, натприродните сили, црните магии, кој и да е, само не себе.

Ако вие сте она што тие сакаат да го имаат, а го немаат, сигурно е дека ќе ве мразат и најдобар одговор за тоа е да продолжите да се подобрувате и да работите на себе. Бидејќи нивната омраза во тој случај е потврда дека сте на добар пат.

Парадоксално е, но е така. Меѓучовечките односи се премногу комплексни и има многу малку логика во она што луѓето го прават, што би рекол италјанскиот социолог Парето.

Да се разберат односите помеѓу луѓето е тежок процес, но она што можете да го направите за почеток е да сфатите дека не треба да се чувствувате лошо поради нечија омраза. Напротив таа извира од преголема љубов или од преголема желба да се биде вие.

Оној што ве мрази во вас гледа многу повеќе од оној што ве сака!