Што има ново во 2023 година во единствениот етнографски музеј на отворено во Бугарија?
Календарот на единствениот отворен етнографски музеј „Етара“ во Бугарија во 2023 година е заситен со низа изложби, демонстрации, фестивали и секакви настани поврзани со фолклорот, занаетчиството и етнографијата. Покрај традиционалните манифестации со кои се пресоздава традицијата околу Лазаровден, Ѓурѓовден, и др., новите моменти годинава ќе бидат посветени и на 10-те водни објекти во музејот. Нивната реставрација и конзервација ќе биде завршена до крајот на април. Во одредени викенди во текот на летната сезона, овие култни експонати ќе бидат презентирани пред посетителите, прецизира директорката на ЕМО „Етара“ – проф. Светлана Димитрова во интервјуто со Нели Ангелова од БНР-Стара Загора.
„Интересно е што на посетителите ќе им биде покажано како функционира бичкијницата (работилница за сечење на табли и даски), која не е пуштена во употреба повеќе од 35 години. Долапкињата – тоа е една воденица, сочувана со сите нејзини делови во нашиот музеј, исто така ќе биде прикажана. Тоа е комплексна направа за мелење на житни култури. Досега се движело само тркалото кое користело вода за да го придвижи механизмот, но сега ќе ги пуштиме и воденичките камења.
Гајтанџиската работилница исто така ќе им овозможи на посетителите да го набљудуваат механизмот, бидејќи таму ќе има ново осветлување што ќе го направи видлив тој дел.
За прв пат годинава во Етара ќе се одржи иницијативата „Мегдан на заем“. Во музејот на отворено ќе бидат поканети претставници од различни населени места да ги претстават и покажат карактеристичните обреди на својот крај. Во 2023 година ќе се одбележи и 100-годишнината од Карневалот на хуморот и сатирата во Габрово. „Во него ќе учествуваат и живите човечки богатства на Бугарија, кои беа одредени како такви во 2022 година. – вели проф. Димитрова и додава:
„Меѓу нив е и нашиот вработен, мајсторот мутавџија Христо Маринов. Но, има и други многу интересни луѓе кои ја добиле оваа почесна титула „живо човечко богатство“. Меѓу нив има и такви кои имаат вештини во готвење, танцување, пеење и музика. Се надевам дека гостите на карневалот ќе можат после настанот, на територијата на нашиот музеј да видат демонстрации на сите овие луѓе што ги поканивме“.
Како најдолгоочекуван настан, проф. Димитрова го дефинира враќањето на Етер на Меѓународниот саем за занаетчиство по речиси 3-годишна пауза поради пандемијата. Неговото 18-то издание претстои во месец септември. Се очекува сериозно учество и од странство.
„За прв пат во ова издание на панаѓурот ќе има и мајсторски натпревар по кујунџиство (златарство), вели проф. Димитрова. „Освен натпреварувањето на мајсторите, во панаѓурските денови ќе има и натпревар на кандидати за мајстори. – тоа се млади луѓе. Очекуваме студенти и ученици од Националната уметничка академија и од Националната гимназија за применета уметност „Св. Лука” во Софија да учествуваат на младинскиот натпревар. За прв пат нашите посетители ќе можат да го разгледаат и новиот музејски центар, кој ќе биде лоциран во значајната зграда на Крстник-Колчовиот хан.
И годинава „Етара“ ќе биде домаќин на уште едно издание на образовната програма „Во светот на Старопланинската архитектура“, како и на Меѓународниот симпозиум за пејзаж и кинетичка уметност „Кевис“. Нема да изостане ниту коледарството на момчињата од училиштето за коледари.