| |

„Дипломатијата“ на амбасадорот Баздникин

Пишува: Владимир Перев

Илинденските празнични чествувања за определен дел од граѓаните на Македонија, веќе долго време личат на “ноќна мора“ од глупостите изречени од нашите раководители, како во минатото време на нашите младешки сеќавања, некаде од 1955 година па се до 1990 година, кога се изнаслушавме за “фашизмот“ на Бугарите и на некои наши претци, така и по 1990 кога секој новоиспилен политичар говореше на Мечкин камен или на Пелинце за “предавниците“ во нашите редови. Оваа година, предилинденски, некако подло и недоволно публицирано, но сепак забележливо, им се приклучи и рускиот амбасадор во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин.

Во соопштението на руската амбасада, може да се види и пораката на амбасадорот по повод “1 август, кога Русија го одбележува Денот на сеќавањето на руските војници кои загинаа за време на оваа војна – првата трагедија на глобалното ниво“. Информацијата се однесува на Првата светска војна, а по повод на посетата на амбасадорот на германските воени гробишта во Прилеп. Тука е и благодарноста до прилепската општина, до граѓаните на Прилеп и до прилепскиот градоначалник д-р Илија Јованоски, за грижата која ја полага во одржувањето на овој сакрален објект. Требало, а пропуштиле (ненамерно?!) да го поканат и споменат бившиот градоначалник Марјан Ристески во чие време со реновираа гробиштата…па и тој има некоја заслуга, барем така мислат повеќето прилепчани!

До овде е се во ред, но потоа следи фрапирачка, несоодветна и недипломатска констатација дека “од 1916 до 1918 година на Солунскиот фронт 5 илјади руски војници и офицери кои ја ослободија македонската земја во составот на 2-та и 4-та Специјална бригада на Армијата на Источната Антанта, храбро загинаа“.

Против кого се бореле руските војници, кого ослободувале и во чиј состав биле тие. Еве и една кратка информација за Германските воени гробишта во Прилеп: На Германските воени гробишта во Прилеп на површина од 7200 метри квадратни се закопани 1683 Германски војници (од кои 45 се од Втората светска војна), 40 Австро-унгарски, 39 Бугарски, 33 војници од поранешна Југославија, 21 од Романија, 10 од Русија, 8 од Албанија и 5 Турски војници. На овие гробишта е исто така закопан Heinrich Ebert, синот на првиот претседател на Германија Friedrich Ebert (1871–1925). Овие гробишта биле формирани по Првата светска војна и по Втората светска војна до 2006 г биле во исклучително лоша состојба. Процесот на реновирање започнал во 2006 година и траел до 2009.

Постарите прилепчани ги паметат германските гробишта како ругло и срам за градот – херој. Запуштени по Втората светска војна, со откраднати каменни гробови, открадната камена ограда која жителите на околните куќи ја користеа како основа за градба на нивните темели, обраснати со трева и измет, беа слика на она што би се нарекло антигерманизам и антибугаризам, за конечно една еколошка организација и поединецот Живко Вренцоски со писмо до германската амбасада да бараат промена на оваа состојба: „Утврдивме дека на германските гробишта нема ништо освен депонија. Направив неколку фотографии и ги испратив во германската мбасада во Скопје, со молба гробиштата да се уредат, во спротивно ние како град ќе ја преземеме иницијативата. Основата за барањето кое го испрати нашето еколошко друштво беше еколошката компонента, а освен тоа и фактот дека тука лежат сепак невини луѓе кои на некој начин биле доведени тука да војуваат и загинале“, вели Живко Вренцоски“.

Така започнува обновата. Таму се закопани само 10 руски воени заробеници, умрени во полската воена болница во Прилеп. Иначе, за гробиштата и во Втората светска војна, покрај германците, основната грижа ја имал бугарскиот воен корпус. Русија никогаш, буквално воопшто никогаш не се заинтересирала за своите мртви војници. Зошто го прави тоа сега?

Во овој осетлив момент на македонско-бугарските односи, кога Македонија сака да се присоедини кон ЕС, Русија влегува во класична антибугарска пропаганда, употрбувајќи ја флоскулата “5 илјади руски војници и офицери кои ја ослободија македонската земја во составот на 2-та и 4-та Специјална бригада на Армијата на Источната Антанта, храбро загинаа“.

Не е јасно дали амбасадорот Сергеј Баздникин ги лечи своите “бугарски комплекси“ заради членството на Бугарија во НАТО пактот, или не може да одболедува дека веќе го нема Варшавскиот пакт, каде што Бугарија навистина беше “најверниот сојузник“, речено иронично, но за жал, длабоко вистинито. Сепак, тоа е прашање кое треба бившите сојузници да го расчистат меѓусебно, а како потсетување за амбасадорот Баздникин, да знае дека Бугарија и Русија војуваа меѓусебно за време на Првата светска војна, на два фронта, на Добруџа и на Солунскиот, а руската морнарица повеќекратно ја бомбардираше Варна, бисерот на Црното море.

Историјата кажува дека во тоа време ние бевме слободни, повеќето наши претци беа офицери, подофицери и војници во бугарската царска армија на Солунскиот фронт, а нивните потомци и денес живеат овде, на македонските пространства, а многумина и во Прилеп. Нашите мајки и баби кога одеа со храна на гробиштата за Духовден, оставаа леб, слатки и истураа вино на плочите на влезната порта на гробиштата, за “мртвите деца германски и за бугарските војници“…така велеа!

Флоскулата “македонската земја“ со целата своја недефинираност, со злонамерна и антибугарска конотација ја употреби и рускиот претседател Путин во својата изјава по повод на словенската писменост. Но, сето тоа е проблем на Софија, ама за нас, “ослободувањето на македонската земја“ е навредливо, недипломатско и несоодветно на дадениот момент. Да се дообјасниме, ние овде сме горди на херојството на нашите претци покажано како воини на царската бугарска армија во Првата светска војна, нашите претци се одликувани со ордени и медали за својата храброст и заслуги и никој нас овде не не ослободил со тие воени дејствија, најмалку Русија и силите на Антантата кон кои Баздникин се приопштува. Напротив, ако баш сака да има некакви “заслуги“ слободно нека си ја припише окупацијата на Македонија од српската солдатеска и нивната злосторничка полиција во периодот од 1918 година па се до 1941, а бога ми, имаат заслиги и за периодот по 1944 година.

Со сета почит кон неговата екселенција, г-н Сегеј Баздникин, со сета почит кон руската нација и држава, кон доблестите на рускиот народ и неговите достигнувања во науката, уметноста и литературата, ама никој овде нека не ни кажува дека не ослободил…такви прикаски сме се изнаслушале…тие нешта ние добро си ги знаеме! Навредливо е!

Слични Објави