|

Шутаров: Локалната власт на ДПМНЕ во Скопје го уништи ЈСП, СДСМ го спасува

За две години, локалната власт на ДПМНЕ во Скопје буквално го уништи јавниот градски превоз и создаде хаос во јавниот транспорт, изјави советникот од СДСМ во Советот на Град Скопје, Гордан Шутаров.

Рече дека граѓаните, кои во огромен број го користат јавниот превоз секој ден, мака мачат да стигнат на работа, на училиште, на факултет, на пазар. Дури се случи и тоа првпат во историјата Скопје да остане без јавен превоз.

„ДПМНЕ го уништи ЈСП ‘Скопје’, а две години, само поради политички хирови, го блокира проектот за нов и еколошки јавен транспорт БРТ. ЈСП ‘Скопје’ се дави во долгови, не може да подели плата и не може да функционира. ДПМНЕ го создаде хаосот во ЈСП, а советниците од оваа партија, кои го имаат мнозинство во Советот и се власт, не ја поддржаа одлуката за субвенционирање на ЈСП на вчерашната седница. Политичките интереси на Мицкоски и ДПМНЕ секогаш се пред интересот на граѓаните, пред интересот и потребите на скопјани“, обвини Шутаров.

СДСМ, иако е опозиција во Советот на Град Скопје, вели тој, секогаш е на страната на граѓаните, го штити интересот на скопјани.

Тврди дека ДПМНЕ на вчерашната седница на Советот на Град Скопје направи обид повторно да го блокира функционирањето на јавниот превоз. Рече дека ДПМНЕ го уништила ЈСП, а советничката група на СДСМ и коалицијата заедно со другите свесни и одговорни советници успеале да го спасат Јавното претпријатие од нови блокади.

Со доделените субвенции, рече тој, возачите во ЈСП ќе може да земат плата, да се сервисираат долговите, а тоа во овој момент е најважно за граѓаните да имаат каков таков јавен превоз.

 

Слични Објави