СИ ЗАМИНА ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР НА САД КОЈ ПОМОГНА ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА СТУДЕНАТА ВОЈНА
Брилијантниот државен секретар на САД во мандатите на претседателот Роналд Реган, кој помогна да се стави крај на Студената војна, почина на 100-годишна возраст.
„Еден од најконзистентните политичари на сите времиња, кој служеше во администрациите на тројца американски претседатели, Џорџ П. Шулц, почина на 6 февруари на 100-годишна возраст“, се вели во соопштението на Институтот Хувер објавено на нивната веб-страница.
Џорџ Шулц е роден на 13 декември 1920 година во Њујорк. Студирал на Универзитетот Принстон, каде што добил диплома за економија во 1942 година. Служел во маринскиот корпус на американската армија до 1945 година и се повлекол како капетан. Во 1949 година, тој докторирал на Институтот за технологија во Масачусетс. Бил член на Советот на економски советници на претседателот Ајзенхауер. Во 1957 година се преселил во Чикаго и станал декан на Економскиот факултет на Универзитетот во Чикаго.
Во 1969 година, Ричард Никсон го назначил за секретар на трудот. Тој останал на оваа позиција една година, а од мај 1972 до 1974 година бил министер за финансии.
На 16 јули 1982 година, претседателот Роналд Реган го назначил за државен секретар. Некои набудувачи го сметаат за „гулаб“ во надворешната политика. Шулц е водечки поборник за политиката на интервенција на САД во Никарагва, која тој ја сметал за „тумор“. Тој е против разговорите со лидерот на сандинистите, Даниел Ортега.
Во 1986 година, тој го придружува претседателот Реган во Рејкјавик на разговорите со Михаил Горбачов. Неколку години порано, бил во Москва на погребот на Леонид Брежњев.
После повлекувањето од големата политика, Шулц зема активно учество во јавниот живот на земјата. Тој често објавува написи во водечките американски магазини за меѓународната политика. Кога Арнолд Шварценегер стана гувернер на Калифорнија, Шулц му помага како економски советник.
Тој е автор на мемоарите „Превирања и триумф: Моите години како државен секретар“ (1993).
