СИТИТЕ КУКААТ, ГЛАДНИТЕ НЕ СЕ СЛУШААТ

Еј друштво, ја гледате ли онаа најнасмеаната? Е истата таа носи болка тешка колку една планина. Надежта ја тера да се смее. Еј друштво ја гледате ли онаа која секогаш е тука за сите? Најчесто е таа најзапоставената. Ја гледате ли таа истата која никогаш не одбива ниту кино, ниту театар ниту забава макар била и турбо-фолк? Е таа е истата што веднаш е заборавена кога ќе си најдете нова „играчка“. Еј погледнете ја подобро, таа е таа што ништо никогаш не бара за возврат за нејзиното внимание кон вас.

Но кога се ќе помине и кога ќе бидете оставени од суровоста на вашата „нова“ околина, таа пак ќе ве пречека со широко отворени раце. Зошто срцето и е големо. Зошто нејзината добрина е огромна иако во денешницата тоа се прифаќа како глупавост и никако поинаку.

Не можам да разберам. Паметните глави викаат „цени си го времето“. Но се почесто некако времето се подарува исклучиво на луѓе од кои би можело да се добие некаква материјална корист или да се задоволат оние најниските страсти. Сите знаеме за што пишувам. Каде се изгубија вистинските вредности? Зошто луѓето кои навистина сакаат само „мир во светот“ најчесто се оние кои се земаат „здраво за готово“? Да бидеме чесни, барем еднаш во животот ни се појавила таква личност за која не ни паднало на памет дека треба барем малку да се потрудиме за неа. Тоа е затоа што таа ни давала премногу внимание и не сакала такви какви што сите можеме да бидеме- ИДИОТИ.

Веќе не е оправдување немаштијата. СИТЕ НЕМАМЕ. Не можеме да се вадиме со воспитувањето од родителите. Ако сме ги послушале ќе сме знаеле подобро да цениме. Што се случи со нас, со светот? Што не натера да бидеме сурови кон таквите луѓе?! Бисери се тие. Недопрени. Неизвалкани.

За вас не знам, но јас ако најдам таква особа што еднаш ќе ме гушне јас ќе и вратам двапати. Дотогаш ќе бидам најнасмеаната.

Автор: Плетенка