Сизифовска битка
Facebook статус на Никица Корубин
Епохалното археолошко откритие кое денес беше презентирано “на чаршаф”, со целосно незаштитени артефакти, тазе извадени после 2.600 години од под земја; под притисок на површниот популизам за “брзи” партиско/партократски “резултати” на божемната грижа за културното наследство на државата (читај партијата); уште еднаш ја покажа целата површност, дилетантство и суштинска негрижа како резултат на незнаење и системска тенденциозност, за тоа што е културното наследство и како се управува со него, со крајна цел негов спас и заштита.
И во овој театар има само две добри и доблесни улоги, сизифовски тешки: на нашиот сограѓанин, сопственик на нивата каде што е најдена оваа архајска гробница, кој имал доволно голема свест и совест, да го пријави ексклузивниот наод на бронзен шлем пред четири години; за да можело потоа колегата археолог, самиот без системот кој секако не постои за да застане зад него, да ја стекне довербата на сопственикот и милоста на државата од цели 200.000 денари, за да ја отвори сондата, за која бил свесен што може да крие.
Затоа што токму толку средства државата односно, Министерството за култура, предвидело во годишната програма за 2024 година, за матичната установа на нашиот археолог, Археолошкиот музеј, за сондажни истражувања, на локалитет кој државата не само што не го заштитила, туку воопшто и не знаела дека постои.
Затоа што е “многу тешко” да се претпостави дека можно е да има археолошки локалитет, во непосредна близина на требенишката некропола откриена пред “само” 106 години, па овие 33 години независност биле сосема недоволни, целиот регион да се истражи, утврдат сите археолошки локалитети и законски заштитат, а зошто да не, некои и да се истражат. Па, да не мора товарот на спасување на културното наследство да паѓа на жителите, особено кога државата систематски е “загрижена” за идентитетот до размери на блокада на европската иднина на државата.
Доколку Северна Македонија, до сега беше член на ЕУ, или го имаше отворено поглавјето за култура, со сигурност немаше да има ситуација на нефункционален закон за заштита на културното наследство, на незаконски установи со измешани надлежности, на непостоење на археолошки институт, кој ќе подготвуваше стратегијата за истражување и заштита на археолошкото наследство, а немаше тоа да биде препуштено на поединци, кои “со трошките” кои ги добиваат, и со доблеста на локалното население, доаѓаат ад хок до сознанија. Ќе се водеа систематски археолошки истражувања, какви што ова сигурно не се.
И затоа такво требаше да биде и излагањето на министерот за култура (и туризам), кој не само што погрешно бил брифиран, туку се чини и дека е целосно дезинформиран или неинформиран за системот на културното наследство, на кое толку многу декларативно се повикува. Не може оваа ново-откриена некропола на никаков начин да помогне за “развој на туризмот”, во регион кој систематски се уништува дури и со тројна, фиктивна заштита, како што е охридскиот регион, за кој со години “го мамиме” УНЕСКО.
Културното наследство за да се презентира, треба да се заштити, а за да се заштити, треба да се знае дека постои. А, кога веќе се знае дека постои, сигурно не смее да биде препуштено на “избраните и незаменливите” вгнездени трајно во институциите, кои единствено што чуваат, е сопствената позиција и позицијата на непроменливост на заробениот систем. Во сите чекори, непогрешливо потфрламе. Што мисли драстично, а не појавно, да направи министерот за култура, е единственото прашање што е вредно да се постави?
И затоа ова епохални откритие е само, колку и да носи радост, всушност трагичен потсетник, на нашето незнаење, паушалност, површност, заробеност. На нашиот “кафански” менталитет, на водење на политика на сите нивоа и сите области. Која не може никако да ја издржи тежината на откритијата од овој ранг. Се чини дека нашето културно наследство е далеку поголемо од капацитетот да го заштитиме истото.
И затоа она што требаше министерот за култура да го каже, беше: “случајно, поради нашата систематска повеќегодишна негрижа и незнаење за археолошкото наследство, е откриена ексклузивна некропола, која исто така сосема случајно, во меѓувреме не сме ја уништиле; и таа е последната можност да се соочиме со сопствената неспособност и да го пресечеме “гордиевиот јазол”: веднаш и без одлагање ја отпочнувам процедурата за нов закон за заштита на културното наследство и барам помош од нашите соседи Грција и Бугарија, кои имаат долгогодишно искуство во археологијата, да помогнат во регулирање на оваа област; барам и помош од институциите на ЕУ како земја кандидат за ЕУ, и веднаш и без одлагање пристапуваме кон конечно формирање на археолошкиот институт, како и сите нормални земји, за да може археолошкото и културното наследство, како едно од трите самоодржливи области за Северна Македонија – да има вистински, а не демагошки и декларативно специјален третман.
Звучи оптимистички? Оптимизмот е последната рационална реакција, на сеопштото уништување и примитивизам, кој не опкружува. Или емотивна, сеедно. Но, ниту еден обид, не е безнадежен, ако во прашање е ова што го имаме и мораме да го заштитиме по секоја цена. За барем малку, да ја оправдаме цивилизацијата на која почиваме.