Скандалозна најава за територијални претензии на СПЦ врз Македонија

//

Новата титула на српскиот Патријарх, доколку Соборот на СПЦ ги изгласа измените на Уставот на СПЦ во мај оваа година, ќе има директни територијални претензии врз неколку независни и суверени држави на Балканот, од кои една е Македонија, јавува порталот Религија.

Белградски „Вечерње новости“ денеска објави детали од предлог измените кои ги подготвила комисијата на СПЦ, а во кои има прилично скандалозни предлог иницијативи.

Една од нив е новата титула што идниот српски патријарх ќе ја има и тој официјално ќе се нарекува „Архиепископ пеќки, митрополит белградско-карловачки и патријарх на српските и поморски држави“.

Според сегашниот, а и во идниот Устав СПЦ ќе пишува дека СПЦ има територијална јуриздикција на епархиите од Словенија до Македонија, па по тој контекст е извлечена и титулата на патријархот.

Но она што е особено скандалозно во таа титула е што СПЦ го користи терминот „српски држави“. Кои се тие српски држави, не е тешко да се претпостави. Бидејќи Македонија, Србија и Косово се единствени кои немаат излез на море, па и не можат да бидат вклучени во оној дел – „поморски држави“, тогаш сосема логично е терминот „српски“ да се однесува на Србија и најверојатно Косово, но и Македонија. Во сите држави од поранешна Југославија СПЦ има свои епархии и митрополити, а во Македонија тоа е црквата на Врнишковски ПОА.



Она што исто така е интересно за потенцирање е фактот дека во подготовката на новиот Устав учествувал и Јован Вранишковски, кој веројатно на јавноста во Македонија ќе треба да и објасни кои се оние српски држави на кои патријархот на СПЦ им е поглавар.

СПЦ со овие Уставни измени ќе го промени и официјалното име, кое во иднина ќе ја има и додавката Пеќка Патријаршија. Па така новото име на СПЦ ќе биде „Српска Православна Црква – Пеќка Патријаршија“.

Ќе се менува и начинот на избор на патријарх и наместо досегашното апостолско правило со ждрепка меѓу тројца владици, изборот ќе биде на тајно гласање со потребно двотретенско мнозинство.



Претходна статија

Тутунарите бараат за 20 отсто повисоки откупни цени за тутунот

Следна статија

Кој е рускиот агент отруен во Сализбери, Велика Британија?

Најново од Вести