Скупи како модел на институционално убиство на културното наследство?
Fb статус на Никица Корубин
Вниманието кое деновиве му беше подарено на археолошкиот локалитет Скупи, поради масовната и брутална урбанизација на целиот тој простор, и во очекување на следниот градежен зафат; го отвори прашањето за третманот на културното наследство кај нас воопшто, но посебно што е тоа што нашата држава и надлежни институции подразбираат под терминот “управување со културното наследство”?
“Во 2016 година НУ Конзерваторски центар Скопје има направено Елаборат за ревалоризација на археолошкиот локалитет Скупи. Врз основа на овој елаборат постои одлука на Владата со која се одредени границите на локалитетот, заштитеното подрачје, контактната зона и режимот на заштита. Парцелите на кои се гради се наоѓаат во контактната зона, каде е пропишан режим на дозволена градба со задолжителни претходни заштитни археолошки истражувања” велат од институцијата која ги води заштитните археолошки истражувања и која треба да го заштити локалитетот. Што всушност со ова ни кажуваат? Актот за заштита, односно Одлуката која ја донела владата, по изработен елаборат за ревалоризација и помината контрола од управата за заштита на културното наследство, треба правно и фактички да го заштити археолошкиот локалитет Скупи. Значи, според надлежната институција за заштита, вака во пракса изгледа заштитата на најголемиот (по површина) археолошки локалитет кај нас, и еден од најзначајните, не само кај нас, според карактерот на наоди и историски записи.
Но, што всушност предвидува тој акт за заштита или одлука на влада, тој елаборат кој патем речено е исклучива надлежност на надлежните институции од сферата на заштитата и на него, нема апсолутно никакво влијание, во формално-правна смисла, ниту една институција или орган од друг ресор. Со други зборови, законски никој не може да изврши “притисок” за формата и содржината на тој акт. Тој акт содржи т.н. “режим на заштита”, односно што смее, а што не смее да се прави на археолошкиот локалитет, односно било кое добро кое претставува заштитено културно наследство.
Постојат три степени на режим на заштита: прв, втор и трет (односно контактната зона од соопштението, каде е актуелната градежна парцела, не и последна).
ПРВ СТЕПЕН: “Режимот на заштита од прв степен подразбира чување, почитување, одржување,
негување и користење на доброто согласно со неговата намена … “
ВТОР СТЕПЕН:”Режимот на заштита од втор степен подразбира зачувување на изворната состојба и можност за … адаптација на ентериерот, работи на ревитализација, уредување или изградба на
нови објекти на празните локации, под одредени услови …”
ТРЕТ СТЕПЕН:”Режимот на заштита од трет степен подразбира прилагодување на архитектонскиот
израз и ограничување во поглед на габаритот и катната височина на објектите”
Со други зборови, надлежната институција за заштита на археолошкиот локалитет Скупи, самата “ја симнала” заштитата на делови од археолошкиот локалитет Скупи и законски дозволила изградба на објекти врз, дел од локалитетот на локација позната уште од минатиот век, како Источна некропола, а таа притоа ќе врши во недоглед (додека целосно не заврши градежната експанзија на атрактивни локации), “заштитни археолошки истражувања” кои ќе завршуваат со целосно “ослободен простор од било какви траги на археолошки локалитет” и тоа ќе го претстави како “заштита на културното наследство”?! Па, што штити таа, археолошкиот локалитет од урбанизација, или ја штити урбанизацијата од културното наследство, кое се јавува како “пречка”? Се’ е по закон, нели?
И, до каде всушност се протега “контактната зона”, односно најнискиот степен на заштита? Зошто на пример не е втора зона, па да се контролира што смее да се изгради? И кои се границите на локалитетот? На колку е всушност Скупи сведен, со прв степен на заштита, односно, што денес државата подразбира кога ќе каже “археолошкиот локалитет Скупи”? Се плашам дека ни приближно, од она, што всушност тој е. И тоа е реперот за односот кон културното наследство, институционално, стручно и лаички. И која е стратегијата на државата за заштитата на културното наследство, која ја применува оваа и сите други надлежни институции?
На крајот уште еден парадокс, кој всушност е само “врвот на сантата лед” за институционалната недоследност, намерно измешана и изменета надлежност, и систем на монопол, клиентилизам и чиста лукративност; скриена позади параванот “заштита на културното наследство”.
“Режим на заштита од прв степен се применува на:
1. Културно наследство од особено значење; и
2. Резервирана археолошка зона.”
“Културно наследство од особено значење” е категоризација на културното наследство според неговите вредности и има две подкатегории: исклучително (кое има највисоко национално значење и универзални вредности за човештвото) и големо (кое има големо значење само за националната историја). Мислите дека Скупи, логично е во првата категорија? Се лажете. Скупи, според нашите надлежни институции, нема универзално значење и не е значајно за човештвото, туку само за нас. И немаат тука многу врска карактеристиките на самиот локалитет, туку единствено што е во центарот на вниманието е: надлежноста. Затоа што, ако Скупи е категоризирано, како што мора, според сите археолошки и историски параметри, тоа нема да беше надлежност на институција со “локална” надлежност, туку на највисоката национална институција, Националниот конзерваторски центар; која патем речено со лошиот и конфузен закон, е оставен речиси без надлежност на било што. Бидејќи нели “се грижиме за нашето културно наследство”. Како што на пример, многу се грижиме за Охрид да не го изгуби својот статус во УНЕСКО, на “исклучителни универзални вредности”, а кај нас се третира “локално”, по истата логика како Скупи.
“Резервираната археолошка зона” која чудесно стои во законот како некаков раритет, нормално никогаш не е применет во пракса. Тоа би значело “замрзнување на локалитетот во постоечката состојба”, и оставање за некои следни генерации: со поголемо знаење, подобра методологија, понедеструктивна технологија, да ги истражуваат, своевиден мораториум. Затоа што културното наследство не е ексклузивна сопственост на оваа генерација, па таа да треба да ги раскопа сите археолошки локалитети и “заштитно” да ги ослободува “градежните парцели” за фактичко исчезнување на археолошките локалитети. Затоа што без разлика, на “култот кон копањето” кој со децении се негува кај нас, археологијата во европски и светски рамки е многу повеќе од тоа.
Оваа идеја, нека биде инспирација, за вистинското управување со културното наследство, според единствената логика: приоритет. Што е всушност приоритет во држава која во моментов нема целосен регистар на културно наследство, која не знае со што располага, а не па да го заштити, која има не повеќе од 10% со акт заштитени добра кои се културно наследство, а и тие што ги има, гледаме колку го заштитуваат? Таа држава “плаче” за целосно нов систем на управување и заштита на културното наследство. За сега само солзите се реални, се’ друго е илузија, желба и жалење, како се’ може(ше) многу поинаку да биде. Ако сите беа свесни што всушност значи заштита на културното наследство и каква привилегија имаме што можеме, макар да го заштитиме. Ако знаеме и тоа да го направиме.
