|

Охридска поморска патролна група

Пишува: Капетан II ранг од резервот д-р Атанас Панајотов, материјалот го подготви: Христијан Танески

Постоењето на бугарска Охридска поморска патролна група во годините на Втората светска војна е факт кој е познат за малкумина, посебно во Охрид. Меѓутоа, само една реченица е посветена за оваа формација во официјалната “Историја на бугарската морнарица” (1989 г.). Во голем број на студии од оваа тематска област добро познатиот факт е целосно игнориран. Во Државниот воен архив – Велико Трново се зачувани документи кои ни овозможуваат да ја претставиме кратката биографија на оваа необична поморска единица, која се наоѓа на стотици километри од Црното Море, Белото Море и реката Дунав. Во фото-негативниот фонд на Поморскиот музеј во Варна се чуваат фотографии кои документираат моменти од животот на нашите морнари од патролната група.

На 18-ти јуни 1942 г. командантот на поморските сили, контраадмирал Асен Тошев, од раководството на Воените фабрики бил информиран дека: “Во гр. Охрид има многу добро бродоградилиште во сопственост на Дирекцијата за водни врски (ДВС) и поморска касарна што ја користел полкот во Охрид”. Во писмото се наведува и дека бродоградилиштето може да лансира во вода по два брода од 40 тона и има соодветна работилница и капацитети. На контраадмиралот Тошев му било кажано дека бродоградилиштето треба “да биде во сопственост на поморските сили за изработка на пловни објекти за чување на границата”. Повеќе од една година ова писмо, оставено без резолуција, се наоѓа во архивата на Поморските трупи.

Следното писмо што го добил контраадмиралот Тошев во оваа прилика датира од 30-ти октомври 1943 г., а овој пат информацијата доаѓа од раководителот на ДВС. Во него не се споменува ниту збор за бродоградилиштето, но се наведува дека бугарските пристанишни власти во Охрид “заробиле два брода и еден моторен чамец, порано во сопственост на југословенската морнарица, кои биле ограбени од Италијанците”. Инженерот Валеријан Минков бара од адмиралот да даде мислење за можно идно користење на бродовите за воени цели. Овојпат реакцијата на Штабот на поморските сили е непосредна, а самиот началник на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Константин Лукаш, става резолуција на писмото: “Да се испрати офицер да ги прегледа”.

Контраадмиралот Тошев го испраќа бродоградежниот инженер капетан I степен Протасиј Пампулов, тогашен раководител на техничката служба во поморските сили. Неговиот извештај од 17 типизирани страници, два прилози и 17 фотографии дава не само позадина на идната патролна група, туку дава и конкретни предлози да се “формира и испрати еден морски одред во Охрид за Охридското езеро и еден во Стење – за Преспанското езеро”. Капетанот од I степен Пампулов добро разбира дека за време на војната таквите непланирани трошоци бараат солидна поддршка и ја обезбедува соработката на командантот на 5-та армија генерал Васил Бојдев и командантот на 15-та дивизија со штаб во Битола – генерал Иван Маринов. Генералот Бојдев истакнува лична иницијатива за собирање и складирање на пловните објекти во Охридското езеро за потребите на “поморската езерска единица, која ќе биде во служба на армискиот воен граничен орган за заштита на езерските граници, што е исклучително неопходно за преземање на неопходните мерки против вознемирување, за следење и ограничување на шверцот, за заштита на риболовот итн”. Овие позиции ги бранат и генералот Маринов и полковникот Дренски, командант на 55-от пешадиски Охридски полк.

Капетанот од I степен Пампулов, придружуван од поручник Петар Рашеев и еден подофицер, на двете езера пронашле цела флота на пловни објекти со мала тонажа. Најпрво, на Охридското езеро постоеше југословенска поморска езерска служба, составена од два патролни чамци (“Стражар” и “Граничар”) и еден моторен чамец. Базата на службата се наоѓа во областа “Горица” – оддалечена околу 3 км. јужно од Охрид, каде се изградени бараки, ремонтна работилница за поправка, електрана и објект за подигнување (хелинг). Покрај тоа и на охридските пристаништа и манастирот Св. Наум. За време на повлекувањето, југословенските трупи ги потопија трите пловни објекти токму пред ѕидот на кејот на манастирот, што во јуни 1941 год. постана една од тешките теми во разговорите меѓу Мусолини и цар Борис III во врска со барањето, последното свето место да биде дадено на Бугарија. Италијанците успеаа да ги подигнат бродовите од дното и да започнат со поправка, подигајќи го своето поморско знаме над нив. Меѓутоа, при нивното брзо повлекување, тие забораваат да ги тргнат знамињата.

Слична морско-езерска единица имаа и југословените на Преспанското езеро со флота од 3 патролни чамци, 1 моторен чамец – реморкер, 1 моторен брод – баркас (долг брод), 1 транспортен моторен чамец (“Stukas Durres” – “Штукас Драч”) и еднa веслачка/едрилица со 10 седишта. Од трите потонати патролни чамци, Италијанците пронашле и извлекле само еден. Нивната база се вика Стење и се наоѓа на околу 50 км. од Битола. Таму е сместена граничната поддивизија 3/11. Генерал Маринов му наредува на капетанот од I степен Пампулов да ја провери состојбата на пловните објекти.

Проектот на капетан од I степен Пампулов за персоналот на поморската служба во Охрид предвидува назначување на вкупно 42 лица (26 за бродовите и 16 за работилницата), од кои 1 строев и 2 машински офицери. За поморската служба на Преспанското езеро предложува 32 лица, командувани од 1 офицер инженер. Контраадмиралот Тошев го добил извештајот на Пампулов на 10 ноември 1943 г. а веќе следниот ден напишал доверлив извештај до Министерството за војна со оправдано барање за формирање на поморска патролна служба на Охридското езеро. Но, необјасниво е зошто тој ја игнорирал желбата на генерал Маринов да создаде ваква распределба на Преспанското езеро. Контраадмиралот Тошев предлага ова да биде “поморски патролен вод” кој ќе ги извршува следните задачи: “Извршување на стражарска и патролна служба во водите на Охридското езеро; Крајбрежна стража покрај водата; Сузбивање на вознемирувањето од бунт и туѓи елементи во водите на езерото и покрај брегот; Потрага по шверц; Поддршка на пешадиските гранични единици во извршувањето на граничната служба во областите блиску до брегот. Охридската поморска патролна служба треба да биде под организациона и оперативна подреденост на командантот на пешадискиот полк и да помага во подигањето на престижот и авторитетот на бугарската воена власт. Да остане под команда на поморските сили засега само во академска и техничка смисла”.

Одговорот на помошник началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Кирил Јанчулев пристигнува точно една недела подоцна со доверливо писмо № І – 961: “Пловните објекти во Охридското езро, за кои ги носите…, да бидат прифатени, да се поддржат и да се искористат од флотата. За таа цел, според потребата, постепено да се испрати персонал во Охрид, кој ќе се одвои од тој на флотата и ќе стигне до вод. Исто така, да се извиди и за пловни објекти во Преспанското езеро”. Оваа наредба е логична и оправдана. Познато е дека по капитулацијата на Италија (08.09.1943 г.) демаркационата линија меѓу Бугарија и Албанија останала иста, а тврдењата на Италијанците за водите на Охридското езеро буквално паднале во вода. Така, присутни се објективни предуслови и во однос на надворешната и внатрешната политика (бродовите и работилницата се контролирани од ДВС) за формирање на поморската дивизија. Контраадмиралот Тошев по неколку дена ја исполнува нарачката за пловните објекти на Преспанското езеро, давајќи извештај со заклучок дека таму, во базата Стење, може да се формира поморска патролна служба слична на онаа што е планирана за Охрид. Овој негов извештај е останат без последици. Во доверливо писмо од 11-ти март 1944 г., контраадмиралот Тошев бара од Министерството за војна да ги преземе неопходните чекори за предавање на двата брода и ремонтната работилница на Охридското езеро на командантот на Охридската поморска патролна група. Прецизиран е и составот на групата: “2 помлади офицери, 2 морнари ШО (фелдфебел-школци), 8 подофицери, 7 кандидати за подофицери, 4 корпорали и морнари, 8 мајстори, калфи и специјалисти-службеници или 31 луѓе вкупно.

Контраадмиралот Тошев на 31 март 1944 г. испраќа доверлива наредба до командантите на Црноморската и Дунавската флота, од каде што ќе се донесе персоналот за идната формација. Во наредбата интересни се причините со кои им објаснува на своите подредени команданти дека таму (во Охрид) треба да се испратат само добро подготвени специјалисти: “Со оглед на тоа:

1. Дека новоформираната поморска патролна група на Охридското езезро ќе се одвои од Црноморската флота и дека ќе биде независна во поморска смисла;

2. Дека таа се формира за прв пат во историјата на флотата и тоа во едно населено место, каде што е лулката на бугарштината и има здрав национален дух;

3. Дека таа ќе се појави како единствен претставник на Поморските на Н.В (Неговото Величество Цар Борис III) војски пред воените единици стационирани таму, пред претставниците на различните државни и други институции и пред будното локално цивилно население;

4. Дека со нивната добра и посветена служба, чиновите од истата група ќе треба да ја заслужат довербата што им се укажува на Поморските на Н. В. војски од страна на Штабот на Војската со доверување на сигурноста за зачувување на водните граници на тоа значајно за Татковината – Охридско езеро.

5. Дека секој од чиновите избрани за испраќање, со своето однесување, својата работа и стремеж ќе биде корисен за службата, треба да ја оправда честа и довербата што ја упатуваат неговите претпоставени, тоа е неопходно при изборот на луѓе, да се изберат само оние кои се со докажани способности и тестирани воени и морални квалитети, одлично дисциплинирани, вредни, строги кон себе и посветени на службата”.

На 5-ти април 1944 г. командирот на 5-та армија добива наредба за оперативна, гарнизонска и домаќинска поддршка на поморската патролна група и нејзина потчинетост на командантот на 55-тиот пешадиски Охридски полк – Никола Дренски. На 11-ти април истата година Генерал-полковник Лукаш испраќа барање до ДВС за предавање на бродовите и работилницата со опремата за кревање воедно и електраната на претставниците на Поморските сили. Одговорот на институцијата доцни, а во него пак го содржи барањето да не се предаваат работилницата, дигалката и електроцентралата. На 19 мај истата година контраадмиралот Тошев им одговорил дека објектите “припаѓаат директно на поморската база”, но во итни случаи морнарите ќе вршат услуги за цивилните пристанишни власти. На истиот датум е потпишан и протокол за прифаќање и предавање на патролните пловни објекти. Од поморската патролна група документот е потпишан од мичманите (ранг подофицер, наредник) II степен Атанас Изворски и Петар Петров и фелдфебел-школецот Гради Германов, а од страната на предавателот – началникот на пристаништето Љубен Тодоров.

Мичман II степен Атанас Тодоров Изворски бил унапреден во овој прв поморски офицерски чин со заповед № 30 од 30 јули 1941 г. од командирот на Дунавската флота и назначен како командир на разузнавачки брод, но останува потчинет кон Неподвижната одбрана на Црноморската флота во Варна. Неколку месеци по неговото назначување за “командант на Охридската поморска патролна група”, бил унапреден во повисок чин – мичман I степен. Првиот извештај во Главниот штаб на поморските сили го испраќа на 23 мај 1943 г., во кој пријавува дека на 17 мај пристигнал во Охрид и почнал да ги извршува задачите што му биле доделени, барајќи да му се достават бараните материјали за ремонт на бродовите и дигалката за кревање на истите.

Во друга белешка за поправките извршени на бродовите стои дека нивните југословенски имиња се отстранети и истите се водат како патролни бродови № 1 и № 2 (еден од нив е и бродот Илинден кој потона во Охридското езеро на 5-ти септември 2009 г.). Тие се од ист тип, произведени се во 1929 г. во Германија и имаат должина на трупот од 18.2 м, ширина од 3 м, провев од 1 м и поместување од околу 30 тони. Нивното вооружување е орудие од 47 мм на лакот и картечница сместена на специјална ротирачка купола кај крмата. Дизел мотор со моќност од 120 КС кој озвозможува да достигнат брзина до 20 км/ч. Бродовите биле под бугарско знаме до 6 септември 1944 г.

На 26-ти јуни 1944 г. № 1 е пуштен во употреба, додека № 2 сеуште е на суво поради доцнењето на порачаните материјали. Од истата причина, поправката на моторниот чамец на граничниот дел 2/11 беше одложена, но за возврат на тоа, за кратко време беше затегнат и пуштен во употреба јуришниот понтон на 55-ти пешадиски Охридски полк. Охрабрен од овие извештаи, контраадмиралот Тошев побарал на 9-ти август 1944 г. од Штабот на Армијата 20 мм. противоздушно оружје, една тешка и две противоздушни картечници со соодветна количина муниција за вооружување на патролен брод № 1. Во меѓувреме, пловниот состав е проширен со повлечениот од Русе (Бугарија) моторен чамец “Мис X”, произведен во Унгарија. На овој извештај од мичман I степен Изворски, за прв пат е ставен печат со кружен натпис “Охридска поморска патролна група” со државниот грб во средината.

Последниот извештај од мичман I степен Изворски е примен во Главниот штаб на поморските сили на 1-ви септември 1944 г. Во него тој објавува дека по наредба на командантот на 15-та дивизија, испраќа понтон со еден подофицер на Преспанското езеро, село Стење, каде што започнува подготовката за извлекување на потонати пловни објекти. Потпишан е на 24 август 1944 г. и во никој случај не ги навестува пресвртните настани што се приближуваат. Од другите зачувани документи пак можеме да го додадеме крајот на кратката биографија на оваа мала поморска формација. На 6-ти септември 1944 г. заедно со единиците на 55-ти пешадиски Охридски полк, групата заминува за Бугарија. По многу перипетии, на почетокот на октомври војниците стигнуваат до Штабот на поморските сили во Софија. Во 1945 г. мичман I степен Изворски е назначен за командант на торпедоносец тип “Дрзки”, но во 1946 г. е разрешен по уште една од многуте чистки во флотата.

Краткиот живот на бугарската Охридска поморска патролна група не им дава можност на своите војници да учествуваат во други акции освен ремонтно-реставрациони во врска со пловните објекти и ремонтите поврзани со езерото. Ова е уште еден доказ за политиката што ја водеше бугарската држава во земјите каде што беа стационирани нејзините војници во периодот 1941 – 1944 г. – да ја гради и обновува инфраструктурата, а не да урива и ограбува. Од друга страна, биографијата на оваа група го покажува правилниот пристап на бугарското воено раководство за обединување на можностите на видовите и родовите сили во армијата во извршување на нејзините конкретни задачи – принцип што важи и денес.

Извор: Морски весник

Слични Објави