СЛЕДНИОТ ПОПИС ДА ГО НАПРАВИМЕ ВО ЈАБАНА

Во Велес првото дете за 2020 г. се роди на 2 јануари… Да е жива и здрава малата.

Во Пехчево, според сајтот на Општината последен пат градоначалник дарувал прво дете во далечната 2014 г. Последната објава на официјалниот сајт на Пехчево е новогодишната честитка на сегашниот градоначалник. Нема ништо за пари, телевизор или било каков подарок за прво дете на новата година.

Огромен дел од фертилните луѓе родени и израснати во „верниот Исток“ одамна не создаваат потомство таму. Го прават тоа или во главниот град на државата или во странство.

Следниот пат кога ќе си помислите дека ДУИ е основниот кочничар за тоа во Македонија конечно да се одржи попис, сетете се и на неа… на Белата чума.

Белата чума пријатели, не ја прескокна Македонија и покрај фактот што во еден краток период бевме „втора најбрзо растечка економија“ во Европа (во времето на богот Гру), а пак денес „блескаме“ со рекорден пад на невработеноста, без радиодифузна такса и секако со вратена евтина тарифа за струја.

Ем убаво, ем бегаат луѓето. Бегаат како попарени, а за тие што останаа, е наменета смешката (може и да не е смешка, а реалност), дека во Пехчево се родило првото дете за 2016, 2017, 2018, 2019 и 2020 и се вика Мартинчо.

Господа „фактори“ што се договарате те за патни трошоци, те за „професионалци“ кои немаат „партиски книшки“, ако некогаш се договорите за пописот, направете го во странство…

За да ви искочат бројките не за друго.

Автор: Атанас Величков