На гости кај “Преспанската белвица и волкот„

//

Пишува: Владимир Перев

Роднокраен запис со политички аромат…

Малкумина од нас чуле или знаат нешто за селото Евла, Ресенско. Се наоѓа на само пет километри од Ресен, свиено во пазувите на Галичица. Се стигнува по солиден асфалтен пат.

Според преданијата, името на селото се поврзува со дрвото евла, листопадно дрво од семејството брези. Тоа дрво го има низ целиот Балкан, а се говори дека на трупците од тоа дрво, долги по четири метри, лежат зградите, основите на цела Венеција. На истиот начин се градени и зградите на Амстердам. Дрвото го има и сега, па оние кои се разбираат, веднаш ќе го забележат по долината на реката која го носи името Елска река.

Селото, како и повеќето македонски села има и светла и тажна, трагична судбина. Некаде околу 1900-та година, селото има 384 жители, за сега да се некаде околу 106, може би и по малку. Најголемиот подем во жители и општествениот стандард, селото го постигнува некаде околу1950-1960 година, за потоа да почне неговото раселување, низ Македонија и целиот свет.

Селото е наполно изгорено и уништено за време на Илинденското востание. Во анкетата која ја води ВМРО за последиците од Востанието и трагедијата на селаните го имаме следново оригинално сведоштво на поп Крсте:

Разказ на отец Кръсте за разорението на Евла в 1903 г.

Азъ съмъ отъ Дупени, нъ свещенодѣйствувамъ въ Ехла… Не се минаха 5 дни oтъ изгарянето на Дупени, сѫщата участь сполети и селото Ехла. Хюсейнъ Челйо, начело на многоброенъ башибозукъ и Зихманъ Сали съ много йлявета на 5. авг. се приближаваха къмъ Ехла. Населението се отегли, башпбозукътъ влѣзе, го подпали, като го ограби прѣдварителио. Изгориха 53 кѫщи и училището, а черквата само оскверниха. Тоя день бѣха убити 4 души, между които една жена съ тригодишното й момченце. Подиръ тия подвизи башибозукътъ заедно съ пристигналата войска се спусна да гони населението. Нъ селската чета отвори огънь и завърза се сражение, което трая цѣли 4 часа. Въ това сражение, между другитѣ, раненъ бѣ и Хюсейнъ Челйо, който заедно съ всичкия си башибозукъ се отегли къмъ града. Нъ не е само това… Ехла биде нападнато отъ многобройна войска и на 20. авг. Тогава изгориха сѣното и сламата, а башибозукъ задигна житото и снопето, волове и крави, които бѣха останали. Тия войски изпоганиха и мното жени.

Отец Крсте, или запишувачот на неговите сеќавања, прекрасно ја доловил судбината на селото, опожарувањата, грабежите и силувањата од една насилна, нечовечка власт. Интересно е дополнувањето на отец Крсте, за албанецот Шефки беј, кој со семејството живеел во Евла. Турските башибозуци го протерале во Ресен, за потоа да му го разграбат целиот имот. Отец Крсте:

Цѣлото сѣмейство на Шевки бей, което живѣеше въ Ехла, откараха въ Рѣсенъ, като му изгориха къщата, а имотътъ му разграбиха… Шевки бей, арнаутинъ… бѣше единъ отъ добритѣ работници въ освободителното дѣло и въ деньтъ на възстанието той съ пушка въ рѫцѣ се присъедини къмъ войводата Арсов и го придружава прѣзъ цѣлото врѣме, до като трая възстанието. Когато се помилваха и завърнаха всички четници, върна сей Шевкибей, нъ той, вмѣсто да баде помилванъ, биде заловенъ и хвърленъ въ затвора въ Битоля, дѣто и до день днешенъ лежи.



Илинденската трагедија селото ја преживува, како со солидарноста на сите соселани, така и со помошта која со широка рака ја дава бугарскиот/егзархиски владика од Битола, Григориј Пелагониски. Во селото има две цркви, “Успение Богородично“ и “Св. Спас“. Црквата “Св. Спас“ се наоѓа на 3,5 километри од селото, се оди пеш или со теренско возило и е сместена во питорескна околина, вистинско уживање за љубителите на природата и верскиот туризам.

Денес, во овие нови, европски времиња, селото Евла почнува да заживува. На крајот на селото “канадецот“ Наумче Ставрески направил прекрасна ловна куќа “Црвен дол“, а здружението на Мери Тодоровска “Преспанска белвица и волк“, заедно со Ставрески формираат проект “Б’лгарски ловни традиции од времето на Цар Самуил до денес“

Нашата мала група отиде на посета на Евла, на Ловната куќа. Се уверивме што значи традицијата на единството, на, како што би рекле бугарите “с’единението прави силата“! Навистина видовме, и сила и соединение. Прекрасната куќа на ловниот дом, прекрасната храна и прекрасната природа, беа нашето опкружување. Неколку големи простории, подготвени и за зимски услови, со добро греење, се основата за успех во секое време. Посебна приказна се кујната и комората за чување на храна. Современи, модерни и така уредени, што би им завиделе и некои скопски ресторатери.

Тоа прекрасно место го имаше своето свечено отварање, а главниот говорник беше Генералниот конзул на Република Бугарија во Битола, г-н Димитар Иванов. Зошто баш тој!? Затоа што Организацијата “Преспанска белвица и волк“ на Мери Тодоровска е носител на проектот за Ловната куќа, кој е финансиран со пари од Буџетот на Република Бугарија, определени за потпомагање развој на други држави, односно за проекти во странство. Висината на донацијата е 70.000 лева (околу 35.000 евра) но амбициите не запираат тука; Мери Тодоровска најави дека ќе се аплицира (пред европските држави) за нови средства, Ловната куќа да прерасне во хотел. Најинтересното беше што иако во проектот се споменува “цар Самуил“, никој не отвори дискусија за неговата национална припадност, а Генералниот конзул Иванов, во својот говор, елегантно ги одбегна “врелите“ македонско бугарски прашања. Ееххх, дипломатија…

Туристичките водичи веројатно ќе ја претстават Ловната куќа во целата нејзина светлина. Ние, обичните посетители, најмногу останавме впечатлени од водата (немојте да се смеете!) која ни ја понудија за пиење. Прекрасна, бистра и студена, со неверојатна чистота и питкост, беше откровение за сите нас. Никогаш и никаде не сум пиел таква вода.

Попладнето се вративме за Скопје. Патот од Евла до Ресен и излезот кон Макази беше натежнат од прекрасните преспански јаболка. Никој немаше да ги продава покрај патот. Па, во Ресен сите имаат јаболка, никој не купува, нели…

Касно попладне стигнавме во Скопје и си купивме јаболка од супермаркет. Си купив и вода, онаа флашираната, но вкусот на водата од Евла сеуште ми стои во мислите!

Претходна статија

Радев од Пловдив: Само кога сме биле единствени сме опстанувале и сме победувале

Следна статија

„Европеизација“ со сталинистички методи

Најново од Истакнато