| |

СЛОБОДАТА ЗНАЧИ ПРАВО НА ИЗБОР

Пред утрешниот голем празник читам многу постови за еманципацијата на жената и за нејзиното место во природата и општеството 🙂
За жал, и оваа година кај голем дел од нив, и тоа токму кај оние кои навидум се залагаат за женските права, има таква една конфузија во однос на тоа што значи женската борба, па повторно тие постови се полни со стереотипи и граници. 
A во суштина многу е просто – слободата значи право на избор, изборот значи слобода.

Би било добро еманципираните поборнички за женската слобода да сфатат дека избoрот понекогаш и тоа како може да значи и да се биде “само” мајка и домаќинка… исто како и воопшто да се нема деца.

Изборот може да значи да се користи шминка и високи потпетици кои замислете нема да ја сокријат или згазат интелектуалната моќ…или да не се излегува од патики и да не се знае што е хајлајтер.

Изборот може да значи да се има тивка и мирна професија од 9 до 17… Ама и борба да се владее со светот… итн., итн…

Изборот може да значи се’. 
Да бидете се’ што ќе посакате да бидете, кога сакате, колку долго сакате и да – да се менувате, па се разбира дека ќе се менувате 🙂 заедно со изборите…

Ама за да имате избор,тој мора да постои и за тоа е целата борба – ЕДНАКВИ можности за избор. Слатката слобода да се избере, секој да го избере што срцето му го сака, а не она што вашата дефиниција за феминизам или за еманципација го налага. Токму за да се скршат прангите кај оние на кои ова право им е забрането или изборот наметнат.

Многу стереотипи (од обратната страна) излегуваат на виделина секоја година на денов. Ќе ни треба некоја ренесанса на женската борба за да сфатиме дека на слободата не и’ е никако место во границите на нашата глава.

Да живее слободата на жената да избира и да биде се’ тоа тоа што самата ќе избере да биде! И да живее борбата за еднаквост на жената и на мажот. Едното не го исклучува другото. Напротив. Ох, колку напротив.

Среќен празник!

Автор: Катарина Синадиновска, новинар



Слични Објави