СЛУЧАЈ „САЗДОВСКИ“: ОДБРАНАТА БАРА ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА НА ДЕЛОТО, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОТВРДА НА КАЗНАТА
Денеска во Апелациониот суд во Скопје ќе се разгледуваат жалбите поднесени од одбраната на осудените Бесир Бела и Скендер Демири кои во април 2019-та година добија 19 години затворска казна за ѕверското убиство на Никола Саздовски.
Саздоски беше нападнат од повеќе лица на автобуска постојка во скопската населба Автокоманда во јуни 2018-та година. Саздовски после десетина дена во кома им подлегна на повредите, а истрагата утврди дека бил брутално претепан поради навивачка нетрпеливост.
Денес одбраната бесрамно побара преквалификација на обвинението, а адвокатот на првообвинетиот Бесир Бела, Насер Рауфи во жалбата истакна дека обвинетите на денот на настанот „немале план за тоа што се случило“. Тој побара обвинението да биде преквалификувано од „убиство на свиреп начин“ во кривично дело „насилство“.
„Немале умисла. Се работи за класичен напад од три лица и тука е сторено кривично дело „насилство“. После настанот и смртта на оштетениот имаше протести и мешање на еден парламентарец. После ова, предметот се смени за 360 степени“, порача Рауфи.
Обвинителот Јован Стефановски накратко порача дека жалбата на одбраната треба да биде отфрлена и да се потврди одлуката на првостепениот суд по овој предмет.

