|

Со над 2.000 амандмани опозицијата гo блокира зголемувањето на платите на судиите и обвинителите

Опозициските партии ВМРО ДПМНЕ и Левица денес поднесоа 2.400 амандмани со цел стопирање на 4-те закони со кои се предвидува зголемување на платите на судиите, на јавните обвинители, на членовите на Судскиот совет и членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

Според Дајанчо Ефтимов, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во услови кога инфлацијата во државата е на алармантно ниво, кога стопанствениците едвај даваат плати на своите вработени, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, новата Влада со очигледно стари навики, не отстапува од намерата да ги зголеми платите на судиите и обвинителите.

„Она што претходниот министер за правда Тупанчевски го започна, сега новиот министер за правда во Владата го продолжува. Очигледно, ова е награда од Владата за мизерните 3% доверба на граѓаните во судството. Ја прашуваме Владата, дали ова зголемување на платите на судиите и јавните обвинители ќе значи подобро судство, подобро обвинителство, намалување на бирократските процедури и побрзо решавање на судските спорови на илјадници граѓани? Одговорот на овие прашања е јасен и за нас и за целата македонска јавност. Наместо власта да ги засука ракавите и конечно да почне со реални и конкретни реформи во судството, власта решава и мисли дека со вакви ад хок решенија ќе ги поправат своите недостатоци и неработа“, вели тој.

Од партијата Левица велат дека законите се носат во период кога довербата во судството изнесува 4 проценти.

„Сметаме дека со огромната и ноторна недоверба на граѓаните кон корумпираниот судски систем, со престорување на правосудството во фамилијарна професија заробена во стегите на непотизмот, класните привилегии и кронизмот – платите на судиите се најмалиот проблем во реформата на судскиот систем, која треба да биде радикална“, велат од Левица.

Стојат на ставот дека сè додека не се воведат суштински реформи во правосудството, кое ќе ги опфатат проблемите кои се наталожени нема да дозволат зголемување на бенефициите кои се приврзоци на секој неправеден систем.



Слични Објави