| |

Со писмо до премиерот на РС Македонија Димитар Ковачевски, Бугарите во РС Македонија побараа да станат дел од работната група за уставните измени во земјата

Бугарите во РС Македонија побараа во писмо до премиерот на државата Димитар Ковачевски да бидат вклучени во работната група за уставни измени, формирана од Министерството за Правда, по задолжение на Владата на РС Македонија.

Во писмото здруженијата на Бугарите во РСМ, кои го потпишале писмото го поздравуваат формирањето на работната група за уставни измени и додаваат дека истата ја сметаат за чекор напред кон затворање на прашањето со вклучување на Бугарскиот народ во Преамбулата на Уставот, а со тоа и гарантирањето на правата и слободите на неговите припадници, согласно највисокиот правен акт во државата.

„Почитуван г-дин Ковачевски, до Вас го доставуваме ова наше барање, во работната група за уставни измени да предложите претставници кои ќе ги застапуваат интересите на Бугарскиот народ во Република Северна Македонија, а по наш предлог, елоквентни луѓе кои како граѓани на нашата држава директно ги засегнува ова прашање, така што истите ќе дадат свој конструктивен придонес, во работата на работната група, за истата да биде поефикасна и поекспедитивна, бидејќи прашањето за вклучување во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, како што и Вие знаете, највеќе не засегнува нас, односно Бугарскиот народ во државата“, стои во писмото на бугарските здруженија од РС Македонија.

Ви го пренесуваме целосниот текст на писмото упатено до премиерот на РС Македонија Димитар Ковачевски

ПРЕДМЕТ: Барање за вклучување на припадниците на Бугарскиот народ во Република Северна Македонија, во работната група за уставни измени, формирана од Министерството за Правда, а по задолжение на Владата на Република Северна Македонија

Почитуван г-дин Претседателе,

Најнапред сакаме да потенцираме дека за поздрав е формирањето на работната група за уставни измени што ја формираше Министерството за правда, а по претходното Ваше задолжение, што сметаме дека е чекор напред кон затворање на прашањето со вклучување на Бугарскиот народ во Преамбулата на Уставот, а со тоа и гарантирањето на нивните права и слободи согласно највисокиот правен акт во државата-Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, Бугарскиот народ беше најконструктивниот елемент при остварување на вековниот сон, а тоа е „Независна, демократска и суверена Република Македонија“, држава на сите граѓани кои живеат во неа, без разлика на етничка, верска, политичка, социјална и каква и да е друга припадност.

Меѓутоа со носењето на Уставот на Република Македонија на 17.11.1991 година, а и подоцна со сите амандмантски измени, беше сторена голема историска неправда, каде што Бугарскиот народ беше изоставен од Преамбулата на Уставот, иако истиот и при прогласувањето на независноста на државата и сега се најконструктивниот елемент во Република Северна Македонија, кој дочека Северна Македонија денес да е дел од НАТО, а се надеваме во блиска иднина да бидеме полноправна членка на ЕУ.

Оваа историска неправда е на пат да се реши со цел и ние да ги уживаме сите права и слободи кои произлегуваат од највисокиот правен акт, заедно со останатите народи кои веќе се вметнати во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, со цел сите заедно да градиме подобра иднина во нашата држава, каде што и живееме и заедно да го дочекаме денот кога ќе ја видиме Републиката како полноправна членка на Европската Унија, а со тоа и како дел од напредниот западен свет.

Почитуван г-дин Ковачевски, до Вас го доставуваме ова наше барање, во работната група за уставни измени да предложите претставници кои ќе ги застапуваат интересите на Бугарскиот народ во Република Северна Македонија, а по наш предлог, елоквентни луѓе кои како граѓани на нашата држава директно ги засегнува ова прашање, така што истите ќе дадат свој конструктивен придонес, во работата на работната група, за истата да биде поефикасна и поекспедитивна, бидејќи прашањето за вклучување во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, како што и Вие знаете, највеќе не засегнува нас, односно Бугарскиот народ во државата.

Со почит,

Од здруженијата на Бугарите во Република Северна Македонија:

Здружение ДЕЛО Скопје,

Здружение на граѓани за слободно медиумско изразување ТРИБУНА-Прилеп,

Балкански Хоризонти-Охрид,

Здружение на бугари “Југ“-Прилеп,

Коридор бр.8-Скопје,

Здружение Фондација Единство-Кочани,

Граѓанско демократска унија-ГДУ,

Здружение за македонско бугарско пријателство-Скопје,

Интеракција-Охрид,

Наследство-Скопје,

Здружение “Македонско-Бугарско пријателство“-Битола,

Балкански Коридор-Кавадарци.



Слични Објави