Со поддршка од НАТО, ЦУК започнува модернизација на системот за управување со кризи
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, официјално го потпиша договорот за реализација на повеќегодишниот проект G10231 – „Интероперабилен систем за командување со инциденти управуван од вештачка интелигенција за прекуграничен одговор при кризни и итни состојби (NICS-2)“, кој се спроведува во рамки на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“ (Science for Peace and Security – SPS).
„По многу години, за првпат сериозно, со јасна визија и силна меѓународна поддршка, започнува процесот на изградба на современ и интегриран систем за управување со кризи во Република Северна Македонија. Овој проект претставува значајно признание за капацитетите и посветеноста на институцијата во областа на управувањето со кризи, како и важен чекор кон модернизација на националните системи за координација, рано предупредување и справување со природни непогоди и вонредни состојби“, соопштија од ЦУК.
Од таму појаснуваат дека со имплементацијата на NICS-2 ќе се зајакне меѓуинституционалната интероперабилност, ќе се унапредат капацитетите за донесување одлуки во реално време и ќе се создадат поефикасни механизми за заштита и безбедност на граѓаните.
Воедно, велат од ЦУК, проектот претставува значаен придонес кон зајакнување на меѓународната соработка.
„Преку оваа иницијатива ќе се овозможи поддршка заедно со партнерите од Украина, преку споделување знаења, искуства и најдобри практики во областа на управувањето со кризи и итни состојби“, соопшти ЦУК.
