Со спектаклот „Јас сум Пирин“ се оддаде почит на проф. Кирил Стефанов
Ансамблот „Пирин“ – Благоевград подготви концерт-спектакл со наслов „Јас сум Пирин“ во чест на 90-годишнината од раѓањето на извонредниот композитор, диригент и долгогодишен раководител на ансамблот проф. Кирил Стефанов. Настанот се одржa на неговиот роденден, 28 март, во 19:00 часот на сцената на Музичкиот театар во Софија.
Во спектаклот настапија и Ансамблот за народни песни и танци „Иван В’лев“ – Плевен, како и таленти од Националното училиште за танцова уметност во Софија и Академијата за музичка, танцова и ликовна уметност „Проф. Асен Диамандиев“ – Пловдив.
Кирил Стефанов е роден во 1933 година во Вароша, Благоевград. Како студент изучувал композиција и хармонија, оркестрација и музички форми, народна музика кај проф. Марин Големинов, проф. Парашкев Хаџиев, проф. Димитар Сагаев, проф. Стојан Џуџев – едни от најголемите имиња на бугарската музичка култура. Дипломирал хорско диригирање на Бугарскиот државен конзерваториум (денес ДМА „Панчо Владигеров“) во Софија во 1956 година. Истата година станал главен уметнички раководител и диригент на Државниот фолклорен ансамбл „Пирин“, кој го определил и правецот на неговата професионална реализација. Истовремено е директор на Центарот за уметничка самодејност. Од 1991 година е професор по хорско диригирање во ДМА „Панчо Владигеров“ – Софија. Со ансамблот „Пирин“ реализирал над 6.000 концерти, а гостувал во повеќе од 55 земји на сите континенти. Добитник е на голем број награди меѓу кои „Златна плоча“ на Нешвил, САД (1982), „Златна плоча“ на Балкантон и др.
Творештвото на проф. Кирил Стефанов опфаќа најразлични форми: од големите суити на народни мотиви – за хор, оркестар и танцов состав, самостојни пиеси за оркестар, бројни хорски песни за различни состави, обработки на народни песни за солисти и оркестар, до музика за театарски претстави и др. Токму тој го воведува спектаклот како мулти-жанровска форма на претставување на бугарскиот фолклор.
Со свои дела и изведби на ансамблот „Пирин“ учествува во вториот албум на познатиот швајцарски издавач Марсел Селие „Мистеријата на бугарските гласови“, награден со високата меѓународна награда „Греми“ во 1991 година.
Покрај тоа што е композитор, диригент, режисер и педагог, проф. Кирил Стефанов е и еден од најревносните поборници за зачувувањето и популаризирањето на фолклорот преку негово претставување во комбинација со современата уметност.
Се пренесуваме во прекрасните југозападни бугарски краишта со народната песна „Кажи, Рајне (Сношти минав)“ во аранжман на проф. Кирил Стефанов. Исполнува вокалната група „Пиринки“ и ансамблот „Пирин“.

