Здравейте маргиналци!
Пишува: Владимир Перев
Размислувања за себе сѝ и блиските!
1. Денешно време.
Се наближува крајот на оние сто дена во кои секоја влада има право неказнето да продуцира несреќи на сопствениот народ, ама во РС Македонија, оваа влада ја претера работата. За кратко време се случија толку многу несреќни појави, намерно предизвикувани, што веќе стана неудобно да се живее под ова мало парче небо. Премиерот Мицкоски и неговите најблиски соработници се знаменосците на ретроградните процеси во земјава, процеси и појави кои го враќаат назад веќе некако зацртаниот правец (ајде нека не биде напредок), за нашето приопштување кон единствената ни цел-Европската унија.
Во еден налет премиерот реши да го менува составот на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, на Мешовитата македонско-бугарска комисија за прашањата од историјата и добрососедството, на ревизија на Францускиот предлог за односите со Бугарија, на преиспитување на Преспанскиот договор и на ред други меѓународно утврдени позиции. Неговата министерка за финансии Кочовска, со негов благослов и поддршка, се обиде да изврши нешто како преврат во фондовите на ЕУ наменети за Коридорот 8, истите да ги преземе и пренамени кон вечниот сон на југомакедонците-ревитализацијата на линијата Белград-Солун, како “најважниот дел од нашата политика за излез на најблиското море“, објаснувајќи дека Коридорот 8 е “финансиски неисплатив“. Јавниот транспорт во Главниот град не им функционира, а и пилињата на покривите пеат дека тоа е вина на групата советници од ДПМНЕ во градското собрание, директно потчинети на власта и волјата на премиерот. Учителите ќе им штрајкуваат, ама виновен бил синдикатот. Да не говориме за кредитот од “пријателска влада“ од една милијарда, кој стана 500 милиони евра, како и за покачувањето на пензиите кое го измајмунисаа така, да биде во два наврата. Пензионерите молчат, трпат, знаат дека власта ги лаже, ама се стискаат и готват пари за скапи лекови. Малку им беше тоа, па Премиерот и неговиот вицепремиер Николоски се испокараа со Турција, тврдејќи дека турска фирма сакала да ги потплати…не кажаа дали примиле нешто, како “гласот“ за потплата стигнал до нив и какви последици има по “курирот“. И тој што “нудел“ одговара, таков е законот!
Шлагот на тортата го стави вицепремиерот Николоски, онака беневолентно велејќи дека “Бугарија во овие три години шест или седум пати прави избори, дека немаат вистинска политичка влада, дека таму владеат политичари маргиналци“ и дека тој нема што со нив да преговара за македонско-бугарските односи. Баш така, “маргиналци“! На премиерот треба некој да му каже, најверојатно тоа да биде министерот за одбрана, дека треба да ги прочита биографиите на фелдмаршалите Хелмут фон Молтке и на Алфред фон Шлифен, германски штабни команданти од Првата светска војна, за да ја разбере целата трагедија од амбициите да се војува на два фронта. Премиерот отвори неколку-фронта – кон Грција, Бугарија, Турција, Европската унија, а бог знае што ќе дочекаме во времето кое доаѓа. Ако ги следиме воените искуства од минатите стотина години, поразот е неминовен, на сите полиња!
2. Блиско минато време.
Посетата на Република Хрватска од страна на премиерот Мицкоски беше полн погодок на македонската надворешна политика. Премиерот Пленковиќ изрази целосна согласност со македонските позиции по однос на нашите проблеми околу влезот на земјава во ЕУ: …“Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира…Темата која го оптеретува европскиот пат на Северна Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку остапки се направени од македонска страна што ретко кој народ и држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската унија“ – изјави Пленковиќ. Полна, целосна победа на македонската надворешна политика. Не беше поинаку ниту на средбата на Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Украина, Димитро Кулеба. Изреченото од Кулеба дека “Македонците, како никој, веројатно во Европа, разбираат што значи да се биде понижен за својот идентитет, за својот јазик, за својата култура“, говорат за симпатиите кои ги има земјата во својот пат кон ЕУ и поддршката кон нејзиниот идентитет, јазик и историја.
3. Времето во доаѓање.
Тешко е да се пророкува иднината, но пред нашите пријатели срби и хрвати претстои време на објаснувања. Хрватската дипломатија ќе треба да објасни што се случувало на линијата Туѓман-Мартиќ-Милошевиќ за време на егзодусот на србите од Краина, а србската дипломатија ќе треба да ги објасни сите недоследности во однос – не на Русија – туку на нивното “родно“ Косово. Затоа, да не се надеваме многу, од нив нема никаква помош, тие не можат да си помогнат и самите себе сѝ во времето кое доаѓа. Мина времето кога главното недоразбирање и омраза беше Јасеновац, сега таа работа ја врши Северина…ќе се разговара за проблеми каде сѐ уште има живи луѓе.
Актуелната ситуација во Европа треба да биде поучна за нас. Најголемите сојузници во војната која Русија ја води против Европа се Полска и Украина, која е директно под руска агресија. Полска и е најверниот сојузник, уплашена за својата иднина. Но и покрај тоа, Полскиот премиер Доналд Туск повика “да се отвори вистината и ексхумација на жртвите за колежите извршени од украинските националисти за време на Втората светска војна“. Станува збор за несогласувања на полскиот премиер со искажувањата на украински дипломат за колежите во Волинската област за време на 1943-1945 година извршени од Украинската востаничка армија. Де факто, Туск му одговори на Кулеба, кој по истото прашање изјави дека “историјата треба да се остави на историчарите, а политичарите да градат заедничка иднина“. Станува збор за околу 100 илјади жртви-полјаци од украинските сили во тој период, но Туск додаде “Украина треба да разбере дека влегувањето во ЕУ е и влегување во зоната на стандарди по однос на политичката и историската култура“, при тоа нагласувајќи дека “Украина до крајни граници ќе ја добива полската помош, до конечната победа над Русија“, како што кажа Туск.
4. Перспектива
Влегувањето во европската благосостојба и сигурност, со себе носи и разрешување на проблемите наталожени низ минатото, носи расчистување на недореченостите и ослободување од заблудите. Тука на Македонија никој не може да и помогне. Потребно е самоослободување. Потребна е свест дека ништо не е заборавено, ништо не е оставено и напуштено, специјално тоа не се однесува на идеите и поимањата за националниот идентитет.
Некој треба да и каже на оваа влада, каква е ситуацијата со “маргиналците“ во соседството. Платите растат, расте минималната и средната плата, немаат штрајкови, возовите, автобусите и авионите функционираат беспрекорно, а одамна престанаа насилијата и уличните убиства. Нашата надежна министерка на финансиите, треба да им објасни на Владата (ако за тоа има знаења, а би требало да ги има), дека ситуацијата со девизните резерви и БДП кај “маргиналците“ предизвикува завист дури и во Европа, а стабилната фискална и монетарна политика, како и соодветниот сооднос на валутата со еврото се пример за успешно работење…тоа треба некој да го чуе. Вртењето со главата на другата страна, никому не донесло добро, политиката на инает и “нојот и песокот“ не успева ниту во Африка.
5. Епилог.
Никој нека не се надева дека нештата можат да поминат со плачење и кукање кај посилните и со насилие врз послабите. Еден странски дипломат од европски маштаб, осврнувајќи се на изјавата на Туск за односите Украина- Полска-ЕУ, ми ја напиша следнава порака:
“Ова е уште еден доказ дека дури и во име на борбата против заедничкиот непријател Путин, никој нема да ги прости репресиите извршени по Втората светска војна. Историјата нема да биде препуштена на јаловите дебати на “државни” историчари бидејќи без признавањето на историските реалности помирувањето и проширувањето на Европа не би било можно“.
Факт е, сите сакаме да се помириме, да се соочиме со предизвиците и реалноста…некои од нас реалноста не сакаат да ја прифатат…

