Собранието го ратификуваше договорот со Бугарија
Со 61 гласа ЗА, македонскиот парламент го ратификуваше Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Документот беше потпишан од премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август 2017 година во Скопје. Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров изјави дека „договорот ги брани нашите интереси и интересите на Република Бугарија”. Тој го опиша како убав знак фактот, дека договорот е ратификуван на денот кога се навршуваат 26 години од признавањето на Р. Македонија од страна на Бугарија. На 15 јануари 1992 година Бугарија прва во светот ја призна независноста на Република Македонија под нејзиното уставно име.
