Собранието ќе избира заменик-министри; „Влен“: Нашите кандидати се без дамка на корупција
Собранието, денеска, ќе ја одржи 11. седница, на која треба да бидат изгласани заменик-министрите во Владата за комплетирање на владиниот тим. Седницата е закажана за 11 часот, а на дневен ред е и предлог-законот за изменување на Законот за здравствената заштита – прво читање, со кои се укинуваат економските директори во јавните здравствени установи и болниците и верификацијата на мандат на пратеник во Собранието.
Претседателот на Владата предлогот за заменик-министри го достави до Собрание минатата недела.
Од коалицијата „Влен“ велат дека нивните кандидати за заменик-министри ги претставуваат достоинството, професионалноста и надежта за Албанците од Северна Македонија.
„Со гордост и длабока посветеност коалицијата ‘Влен’ соопштува дека нашите кандидати за заменик-министри во Владата на надеж и антикорупција ги поминале сите филтри и сега се во Собрание пред пратениците за изгласување.
Овие истакнати кандидати ги претставуваат највисоките вредности на достоинство, професионализам и надеж за Албанците од Северна Македонија.
Со докажано резиме на интегритет и посветеност кон јавното добро и без никаква дамка на корупција, нашите кандидати се подготвени да донесат опипливи и позитивни промени. Во време кога криминалот, корупцијата, коцкањето и девијантното однесување го загрозуваат нашето општество, веруваме дека овие избрани поединци се клучот за вистинска трансформација.
Владата на надеж и антикорупција е решена да гради посветла иднина за сите граѓани промовирајќи ги правдата и еднаквоста. Посветени сме на искоренување на криминалот и корупцијата еднаш засекогаш и враќање на довербата во нашите институции.
‘Влен’ е надежта на Албанците од Северна Македонија“, велат од коалицијата.
