СОБРАНИСКАТА СЕДНИЦА ЗА УСТАВНИТЕ АМАНДМАНИ ОДЛОЖЕНА ЗА 15 ЧАСОТ

Продолжението на седницата на која треба да се усвојат уставните амандмани е одложена за во 15 часот, јавува известувачот на Радио Слободна Европа од Собранието. Премиерот Зоран Заев претходно денеска изјави дека сè уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.

Седницата на Собранието на Македонија на која треба да бидат донесени уставните амандмани за имплементација на Договорот од Преспа со Грција требаше да почне во 13 часот.

Заев претходно рече дека очекува пратеникот Панчо Минов од ГРОМ да гласа за уставните измени, но и оти сè уште не може да каже дека се обезбедени потребните 80 пратеничките гласови.
Во меѓувреме, пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов, рече дека СДСМ очекува до моментот на гласањето за последната трета фаза од уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа да биде обезбедено двотретинското мнозинство што е потребно за финализирање на процесот. Тој, сепак, не посочи кога ќе се случи гласањето.

Извор: Радио Слободна Европа