СОЦИОПАТИ ВО ПОЛИТИКАТА

Истакнато Колумни Позиција

Постојат многу карактеристики што го дефинираат поимот Социопат, како на пример:

– Социопатите немаат совест ниту жал кога ги повредуваат луѓето ама се преправаат дека имаат.

– Социопатите ги ставаат своите барања и желби пред тие на другите луѓе. Тие навистина веруваат дека целта ги оправдува средствата.

– Социопатите се сметаат себеси над сите други бидејќи тие не се оптоварени со чувства и морал, арогантни се, а се преправаат дека не се.

– Социопатите никогаш не прифаќаат одговорност за грешките и никогаш нема да слушнете искрено извинување од нив.

– Социопатите имаат извртено поимање на сопственичките права каде нивното е нивно, а твоето е нивно, исто така.

– Социопатите се бават со создавање и пренесување на гласини и со фалсификување на информации како би им наштетиле на другите.

Македонските политички елити се првенствено, а понекогаш исклучиво, составени од социопати. Сериозен проблем е кога општеството ќе стане многу политизирано каде Владата наместо да ги заштитува граѓаните, таа ги угнетува преку закони и даноци. Сите позитивни општествени норми, традиции, обичаи, еснафлук, комшилук, кои што го држат општеството здраво, се заменети со регулативи, насилно спроведени од полицијата и финансирани од даноците.

Социопатите го насетуваат ова, излегуваат од нивните дувла и се вработуваат во државната бирократија и регулаторните тела.

Има два начина на кој луѓето можат да се поврзат едни со други: доброволно или под присила. Владата е чиста присила и социопатите се привлечени од нејзината моќ и сила.

Политичките партии трошат милиони на анкети и истражувања за да го испипаат пулсот на граѓаните за после за време на избори да и кажуваат на јавноста тоа што сака да го слушне. Лобирањето и прекумерното оданочување го заменуваат производството и иновациите, но паразитите не можат да го одржат привидниот просперитет. Богатството, за кое требаше децении и векови да се создаде од нашите предци не е неисцрпно туку напротив, се стопи преку разни Колективизации, Национализации, експропријации и Приватизации.

„Другови и другарице” велеа дека „све је наше, и фабрике, и рудници”, но тие од комунисти се сторија капиталисти. Проповедаа бескласно општество, а осамнавме во Хобсово општество каде препознавам три класи.

Првата е сиромаштијата која нема ништо, не им е гајле за ништо, помирени се со судбината и се потонати во апатија.

Втората е „високата” класа која поседува сѐ, која мисли дека тоа го заслужува, а се карактеризира со безгранична алчност и ароганција.

Третата пак, е поранешната средна класа која што е парализирана од страв. Страв дека не можат да си ги платат ратите, сметките, страв од извршителите и од тоа дека немаат реални шанси да си го унапредат животниот квалитет.

Проблемот е што стравот е негативна, опасна и потенцијално експлозивна емоција која лесно може да се претвори во бес и насилство и никој не може да предвиди како ќе заврши.

И нацистите, и чуварите во Гулазите, и Хашките осуденици имаа исто оправдување дека ги слушале наредбите од горе.

Така и кај нас, досегашните апартчици се правдаа со тоа дека добивале наредби од Социопатите на врвот.

Затоа, на следните избори внимавајте на кого му ја давате Вашата доверба. Тие што ја доведоа Македонија до оваа тешка состојба, не можат да ја извлечат од неа и да ја поведат напред.

Автор: Александар Тодоровски, член на УК на ГДУ