Втор национален марш против насилството врз жените во повеќе градови во Бугарија
Втор национален марш против насилството врз жените ќе се одржи во повеќе градови нa Бугарија. Во Софија демонстрацијата ќе се одржи под слоганот „Не на насилството!“, јавува Бугарското национално радио.
Организаторите на маршот за поддршка на жртвите на семејно насилство ќе упатат голем број барања до институциите, меѓу кои да се воведат политики за превенција, поддршка и заштита на жените жртви на насилство и да се направат измени во спроведувањето на сегашните практики, да се олесни пристапот на жртвите до правдата, да се спроведат судските реформи што е можно поскоро.
Ќе се постават и повеќе барања: да се создадат кризни центри за жени жртви на насилство, националниот совет за спречување и заштита од семејно насилство веднаш да започне со работа, да сноси лична одговорност за секоја донесена судска одлука или лекарски преглед, а исто така да се воведат и часови по сексуално образование во училиштата.
Поворката во Софија ќе се одржи пред Судската палата и ќе започне во 18 часот.
Пратениците веќе ги усвоија во прво читање измените на Кривичниот законик со кои се зголемуваат санкциите кон одговорните за нанесување телесни повреди.
За нанесување средна телесна повреда максималната казна се зголемува од 6 на 8 години затвор.
Се укинува можноста за условна казна во случај на полесна телесна повреда, а глобата се зголемува од 100 до 300 лева на 500 до 1000 лева.
Донесени се законски измени со кои се проширува опсегот на лица опфатени со заштита од семејно насилство.

