Софија е домаќин на првиот меѓународен хакатон за одбранбени технологии во Бугарија
Првиот меѓународен хакатон во Бугарија целосно посветен на одбранбени технологии и технологии со двојна намена ќе се одржи од 16 до 18 октомври во салата „Тех Арена“ на Техничкиот универзитет во Софија. На тридневниот настан ќе учествуваат повеќе од 120 студенти, питомци од воени универзитети, инженери од високотехнолошки компании и претставници на институции од Бугарија и од странство, јавува БНР.
Хакатонот е заедничка иницијатива на Техничкиот универзитет во Софија, European Defense Tech Hub (EDTH) и неделникот „Капитал“. Учесниците ќе работат на технолошки решенија од областа на вештачката интелигенција, дроновите, противдронските системи и други технологии поврзани со одбраната и безбедноста.
Еден од организаторите, експертот за сајбер-безбедност Петар Кирков, посочи дека меѓу најактуелните предизвици е откривањето и идентификацијата на мали беспилотни летала.
„Мал пластичен дрон, кој лета на 50 метри над земјата, е многу тежок за препознавање од технолошки аспект, па затоа е потребно развивање сосема поинаква класа технологии и пристапи“, изјави Кирков.
На 16 октомври ќе се одржат работилници и ќе бидат претставени конкретните предизвици, по што учесниците ќе формираат тимови и ќе работат на прототипи. Финалните презентации и оценувањето од жирито се предвидени за 18 октомври.
Трите најдобро пласирани екипи ќе бидат претставени на Regional Defence and Security Summit 2026, кој ќе се одржи на 21 октомври во Софија.
