| |

Софија во 2028 година ќе биде домаќин на светска конференција за антарктички истражувања

Софија во 2028 година ќе биде домаќин на 13-та конференција на Научниот комитет за антарктички истражувања (SCAR), еден од најголемите светски научни форуми посветени на поларните науки, соопшти Бугарскиот антарктички институт, пренесува БТА.

Домаќинството симболично ѝ беше предадено на Бугарија за време на годинашната конференција во Осло од претседателот на SCAR, проф. д-р Гари Вилсон. Во 2028 година Бугарија ќе одбележи и 40 години организирано антарктичко присуство.

Предлогот, поддржан од Општина Софија, предвидува главното место на одржување да биде Националниот дворец на културата. Конференцијата ќе трае десет дена, а се очекуваат речиси 2.000 научници, млади истражувачи и раководители на национални програми од целиот свет.

„Изборот на Софија е огромно признание за придонесот на бугарските научници и за нашите долгогодишни успешни меѓународни партнерства во поларниот регион“, изјави проф. Христо Пимпирев, директор на Националниот центар за поларни истражувања при Софискиот универзитет и претседател на Бугарскиот антарктички институт.

На форумот во Осло бугарските научници претставија истражувања од антарктичката база „Св. Климент Охридски“ на островот Ливингстон и од научноистражувачкиот брод „Св. св. Кирил и Методиј“, поврзани со климатските промени, морската биологија и геонауките.

Слични Објави