| |

Софиски економски форум: Прифаќањето на еврото ги намалува трошоците и инвестицискиот ризик за Бугарија

Економските ефекти и можностите за Бугарија од прифаќањето на еврото беа во фокусот на панелот посветен на првата година на земјата како членка на еврозоната, одржан во рамките на седмото издание на Софискиот економски форум. Форумот го организира Делфискиот економски форум, јавува БТА.

Според амбасадорката на Германија во Бугарија, Ирене Марија Планк, прифаќањето на еврото е многу повеќе од техничка подробност. Таа посочи дека различни статистички показатели покажуваат колку веќе се намалиле трошоците и дека многу активности се извршуваат полесно, вклучително и во банкарскиот сектор. Сепак, според Планк, главната вредност на еврото била симболична – тоа што сите се заедно во еврозоната.

Панос Мавридис, главен оперативен директор на „Поштенска банка“ и претседател на Грчкиот деловен совет во Бугарија, оцени дека вредноста од прифаќањето на еврото не е само симболична, посочувајќи ги и придобивките за економскиот развој.

„Имајќи ги предвид последните 20 години и финансиската криза, еврото беше камен-темелник на закрепнувањето на Грција. Да не беше еврото, Грција немаше да биде таму каде што е сега“, рече Мавридис.

Тој се осврна и на работата што банките ја извршиле во процесот на преминување кон еврото во Бугарија, оценувајќи дека тие направиле нешто без преседан.

Според Мавридис, сега постои една единствена валута – еврото, што го намалува бирократскиот товар и притисокот врз банките, а уште поважно, и врз нивните клиенти.

Тој исто така оцени дека ризикот што другите држави го согледувале во Бугарија сега е значително помал откако левот повеќе не се користи. Според него, левот бил мала валута на мала европска држава, а неговото исчезнување претставува олеснување за потенцијалните инвеститори, бидејќи, како што наведе, исчезнал ризикот од непознатото.

Слични Објави