Софиски универзитет отвора филијала во Бургас
Лесотехничкиот универзитет официјално отвора филијала во Бургас, во која ќе може да се образуваат до 280 студенти на три студиски програми, соопштија од високообразовната установа, пренесува Actualno.
Новата филијала ќе нуди студии по „Пејзажна архитектура“, „Технологија на дрвото и мебелот“ и „Шумарство“ — области што се значајни за развојот на современата економија и за одржливото управување со животната средина.
Од Универзитетот оценуваат дека отворањето на филијалата е важен чекор кон поголема достапност на квалитетното специјализирано високо образование за младите од Бургас и од Југоисточна Бугарија.
„Оваа вест е многу повеќе од уште една нова академска адреса. Тоа е нова можност за младите луѓе од Бургас и од регионот да добијат специјализирано образование од Лесотехничкиот универзитет, без да ја напуштат Југоисточна Бугарија“, соопштија од Универзитетот.
Одлуката за отворање на филијалата е одобрена од Советот на министри на Бугарија, по претходна одлука на Академскиот совет на Универзитетот и позитивна оценка на проектот од Националната агенција за оценување и акредитација.
„Во создавањето на филијалата се вложени значителна работа и експертиза, со цел академската традиција, професионализмот и специфичниот профил на Универзитетот да бидат пренесени во нова и динамична академска средина. Најдоброто допрва следува“, наведуваат од Лесотехничкиот универзитет.
Дополнителни информации за приемот на студенти, условите за студирање и можностите за професионална реализација ќе бидат објавени наскоро.
