| |

СОЈУЗОТ НА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ДОСТАВИ ТРИ УСЛОВИ ЗА ЦЕЛОСНО ПРИФАЌАЊЕ НА КОМПРОМИСНОТО РЕШЕНИЕ

Генералното собрание на Сојузот на средношколците донесе одлука да го прифати решението за државната матура, но под неколку услови.

Овој компромис предвидува полагање два екстерни и два интерни испита, односно третиот екстерен испит да се организира интерно. Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени.

Сојузот смета дека ваквиот начин на распределба на поените е поправеден и порамномерен за сите матуранти и ги задоволува нивните два клучни принципа: квалитетот на образованието и интересот на учениците. Велат дека поправедната распределба на поените значи дека и доколку еден ученик добие послаба оценка на еден испит, таа нема да влијае значително на бројот на поени.

Сепак, Сојузот нагласи дека ѝ испратил на Владата дополнително три услови за нивно прифаќање на решението.

Првиот услов е формирање работна група меѓу Државниот испитен центар и Сојузот.

„Во оваа група треба да учествуваат претставници на Сојузот (ученици), наставници номирани од наша страна и претставници на ДИЦ. Со групата би претседавал претставник од канцеларијата на премиерот. Планираме групата да работи до средината на март, а таа задача ќе има цел да одлучува кои наставни програми ќе бидат скратени за есктерните испити. Со ова ние се осигуруваме дека ученичкиот глас ќе биде застапен во кратењето на програмите за испитите и дека тие промени навистина ќе ги има“, појаснуваат од Сојузот.

Вториот услов предвидува наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку 3 недели пред денот на испитот. Под испитни материјали подразбираат: формат на испитот, конректни содржини покриени на него и банките на прашања за него. Овој чекор, смета Сојузот на средношколците, ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за своите испити.

Нивниот трет и последен услов е зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот.

„Сегашниот модел доделува најмногу 5 поени за несоодветен есктерен испит. Ние бараме бројот на поени да се зголеми на 7. Со ова ги штитиме матурантите, кои стравуваат дека нивниот соодветен екстерен испит ќе се претвори во интерен, па тие би изгубиле на поени. Нашето барање ја елиминира оваа појава“, се додава во соопштението на Сојузот на средношколците.

Оттука, заклучуваат дека и покрај постигнатото заедничко решение, нивната борба ќе продолжи сè додека не го имплементираат целосното решение, како и нивните услови за негово прифаќање. Сојузот ќе ја следи ситуацијата со државната матура до крајот на оваа учебна година.

Слични Објави