Соња Јончева собира над 300 уметници во Софија со божиќна порака за мир
Спектаклот „Една светлина“ на 20 декември во софиската сала „Арена 8888“ ќе обедини оперски и поп-пејачи, музичари, балетски уметници и детски хор со порака за мир и надеж за подобар свет, соопшти продуцентската компанија на Соња Јончева, SY11, пренесува 24 Часа.
Во програмата ќе учествуваат Соња Јончева, Орлин Павлов, Марија Илиева и Марин Јончев, заедно со оркестарот, хорот и балетската трупа на Софиската опера и балет.
Со целиот спектакл ќе диригира Доминго Хиндојан, сопруг на Јончева, кој првпат од 2017 година повторно ќе застане пред бугарски оркестар.
Настанот ќе спои музика во живо, балет и тридимензионални видеопроекции, со кои ќе биде создадена божиќна сценографија.
Првиот дел, насловен „Божиќен сон“, ќе биде посветен главно на класичната музика. Програмата ја вклучува увертирата од операта „Хензел и Гретел“ на Хумпердинк, како и сцени од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски.
Публиката ќе ги види маршот, битката меѓу оловните војници и воините на Кралот Стаорец, валцерот на снегулките и завршниот балетски дует. Ќе настапат примабалерината Марта Петкова и балетската трупа на Софиската опера и балет.
Меѓу класичните изведби ќе бидат вклучени песните „О, света ноќ“, „It’s Beginning to Look a Lot Like Christmas“, „Светлина“ и „Bridge over Troubled Water“. „White Christmas“ ќе ја изведат сите уметници.
Вториот дел ќе ги спои класичната и популарната музика, со песни од Бугарија, Европа и Америка. За завршницата е најавена заедничка изведба на „Imagine“ од Џон Ленон, како порака за мир, човечност и свет без поделби.
Јончева и Хиндојан имаат најавено уште еден заеднички настап во март 2027 година, во концертната сала „Волт Дизни“ во Лос Анџелес. Хиндојан ќе диригира со Лосанџелеската филхармонија на светската премиера на „Mistralianas“ од Мигел Фаријас, со Јончева како солистка.
