СОВЕТНИЧКАТА ГРУПА НА ВМРО-ДПМНЕ ПРОТИВ ПРЕДЛОГОТ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ПАРКИНГ НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ на денешната седница на Совет на Град Скопје беше против предлогот за зголемување на цената на паркинг. Во продолжение интегрално ви го испраќаме обраќањето на советничката Светлана Колариќ:

„Почитуван претседател на Совет, почитувани колеги, советници

Во име на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата барам точка 15, предлог одлука за давања на согласност на одлуката за измена и дополнување на ценовникот на услугите коишто ги извршува Јавното претпријатие „Градски паркинг“- Скопје да биде тргната од дневниот ред.

Причината која е? Сметам дека со новата одлука само паушално се прикажува на јавноста и на граѓаните дека се решаваат одредени проблеми.

Јас за жал ќе спомнам нели дека секој проблем треба системски да се решава и да се гледа од повеќе аспекти. Од друга страна и градоначалникот Шилегов постојано го слушам дека на сите проблеми системски треба да се пристапува и да се прават анализи од повеќе аспекти, а притоа да се слушаат и надворешните експерти и јавноста какво мислење има за дадените прашања и проблеми.

Ако го погледнеме членот 8 којшто укажува дека се зголемува месечната претплата за вработени во ЈЗУ „8-ми септември“ и исто така за вработените во комплекс клиники „Мајка Тереза„ во суштина само можам да кажам дека во овој дел би ги спомнала техничкиот персонал што работи на клиниките односно медицинските сестри, техничари, фармацевти, лаборанти на којшто многу минимално им ја покачивте платата, а сега сакате преку паркингот парите да си ги вратите назад во буџетот. Ова покажува дека со паркингот и со радио дифузната такса вие навистина си играте мајтап со граѓаните којшто ја дадоа довербата.

Ова од друга страна мене ми дава за право да размислам s дека вие немате стратешка определба за клиничкиот центар којшто нели го најавивте дека ќе биде изграден, па од таму системско решавање на проблемот е навистина дека имаме две паркинг паркинг простори односно паркинг простор за вработените во клиничките центри, а друг паркинг простор за пациентите.

Ја имам јас во предвид гужвата којашто се случува на паркинзите на клиниките меѓутоа дека ќе го решите прашањето со покачување на билетот навистина е една ноторна глупост.

Од друга страна пак, членот 8 каде што треба да се донесе одлука дека во случај на надминување на праговите на алармирање на ПМ 10 честички во два последователни дена и прогласување на вонредни интервентни мерки за загадување на воздухот од страна на градоначалникот, цената за час паркирање на сите јавни паркиралишта и јавни површини наменети за паркирање по предлог на градоначалникот двојно ќе се зголемуваат.

Градоначалниче убедена сум дека освен вашите 25 или 36 краткорочни мерки кои што ги донесовте, а се испоставија дека имаат нула ефект на процентот на загадување со ПМ10 и со ПМ2,5 честички во воздухот во Скопје, навистина сметам дека донесувате една пребрза одлука која што само ќе оди на грбот на граѓаните.

Дефинитивно бев присутна на прикажување на студиите кои беа нарачани и платени од претходниот градоначалник Коце Трајановски, во периодот од 2012 до 2016 година, направени се анализи колку загадува транспортот колку сообраќајот, колку загадуваат домаќинствата, а колку индустријата, колку е процентот на она што треба да се вложи односно колку е сумата на пари што треба да се вложи.

Во овој период , во ова време, сметам дека доколку удриме по грбот на граѓаните со двојно или тројно зголемување на цената на паркинг билетите, ништо не сме направиле. Напротив само удираме по џебот на граѓанинот, а притоа процентот на загадување во градот Скопје ќе биде на исто ниво.

Сметам дека ова ви е пребрза одлука, одлука со која не сте се консултирале со експерти ниту со пошироката јавност, односно дел од пошироката јавност бурно реагираше дека со покачување на цената на паркинг услугите за време на периодот кога ПМ честичките многу повисоки отколку треба, дека нема да има ефект. Сметам дека стратегијата треба да се насочи во друг правец.“