|

Советот на амбасадори го осуди нападот врз Пендиков

Совет на Амбасадори со длабоко жалење ја прими веста за бруталниот физички напад врз Христијан Пендиков, македонски државјанин со бугарска етничка самосвест инаку секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, соопштија од Советот.

-Советот на Амбасадори го осудува таквиот варварски чин и воопшто насилството како начин за решавање на недоразбирањата помеѓу граѓаните независно од нивната етничка, верска или политичка припадност. Советот смета дека овој настан ја вознемири домашната јавност но и јавноста во соседна Бугарија, која со право го протолкува настанот како „антиевропски“ и „антибугарски“ испад – се вели во соопштението.

Советот на амбасадори смета дека со таквите насилни испади се рушат добрососедските односи помеѓу двете соседни држави, Северна Македонија и Бугарија, духот на мирот и соработката во регионот но и репутацијата на нашата држава како мирна и пријателска држава и кандидат за членството во Европската Унија.

Советот на амбасадори бара од надлежните судски органи најитно да го процесуираат случајот и виновниците да добијат заслужени казни.

 Советот го поздравува гестот на министерот за надворешни работи Бујар Османи, заедно со неговиот бугарски колега Николај Милков, да го посетат повредениот Христијан Пендиков и да му пружат морална и охрабрувачка поддршка, како и да му се гарантира неговата безбедност во матичната држава Северна Македонија – се додава во соопштението.

Извор: Слободен печат



Слични Објави