|

Пендиков е на интензивна нега, во понеделник го чека операција во Софија

Тешкоповредниот Христијан Пендиков од Охрид е на интензивна нега на ВМА во Софија и неговата состојба е умерена, јави bTV.

Неговата операција е закажана во понеделник, а според бугарските медиуми Пендиков има скршени ребра, скршена вилица и напукнат вратен пршлен.

Христијан Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, бил претепан во четвртокот вечерта во градот и тој вчера со бугарскиот владин авион „Фалкон“ беше пренесен на лекување во Воено – медицинската академија во Софија.

Денеска напладне во Софија, пред зградата на Европската комисија (ул. Раковска 124) се одржа протест под мотото „Правда за христијанинот од Охрид! НЕ за дискриминацијата на Бугарите“.

Инцидентот во Охрид утре ќе биде тема на разговор меѓу македонскиот и бугарскиот шеф на дипломатијата. Османи и Милков на средба во Софија ќе разговараат и другите инцидентите кои ги провоцираат националните страсти кај двата народи, како на пример неодамнешната панихида за Мара Бунева во Скопје на која присуствуаат бугарските националисти Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов од „Преродба“.

Притвор за напаѓачот

Вчера Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен охриѓанец, осомничен за кривично дело – Тешка телесна повреда според член 131 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 19 јануари, во кафе бар во Охрид, пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите – “не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил.

-Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот, соопшти ОЈО за настанот кој ја вознемири бугарската и македонската јавност.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Извор: Слободен печат

Слични Објави