Совршена бура

/

Fb статус на Никица Корубин

Како настанува совршена бура, реално и метафорички? Со поклопување на повеќе предуслови, кои сите заедно во содејство доведуваат до бурата. И ако во природата човекот нема влијание на предусловите, туку само издава предупредување за заштита од бурата; во политичката реалност, совршената бура ја креира самиот човек.

Со креирање на истите предуслови, кои внимателно се наведуваат за да доведат до бурата. Без предупредување за заштита. Напротив, со разгорување на истата бура, кога предусловите затајуваат. Така некако може, метафорички и сликовито, да се опише односот на “естаблишментот”-политички, медиумски, експертски, аналитички и секаков друг, кон Бугарија, пред и особено после отпочнувањето на преговори со ЕУ.

Но, кого треба “бурата да уништи”? Односно кој е “жртвата на оваа бура”? Кому е наменета? И кој ќе се справува со штетата, кога таа ќе помине? Директниот таргет се граѓаните, односно нивните емоции, стравови и фобии. Истите оние кои со години се хранат со манипулации, се антагонизираат и примитивизираат. Токму, за да бидат “лесен плен” за било која “создадена бура”, без предупредување да бидат совладани.

Затоа што, во спротивно, ќе беа едуцирани, цивилизирани и информирани од истите “креатори на бурата”. Но, кому треба ум, кога треба да се храни безумието? Индиректниот таргет е државата, нејзината функционалност, а последователно и нејзината суштинска европеизација. Оваа “совршена бура” треба преку скандализирање и хистеризирање на граѓаните, всушност да ја “збрише” европската држава Северна Македонија.

Како изгледа една вештачки креирана “совршена бура” во пракса? Кои се креаторите, кои работат со етаблирани предуслови, но и со додадени и надградени? Како ја разгоруваат омразата, како го насочуваат наративот, како ја фрустрираат “жртвата”, како го таргетираат “непријателот”, како ја разгоруваат веќе разгорената бура? Како одбиваат да превенираат, интегрираат и водат? И дали се чувствуваат како водечки актери или како резервни улоги? Дали се свесни за одговорноста која ја носат и последиците кои ги предизвикуваат? Дали играат политичка игра или популистичка игранка? Разбираат ли што значи политика, подалеку од личната позиција и комоција?

Лесни се за препознавање, претпоставувам. Од медиуми, преку носители на највисоки политички функции, преку видливи експерти и невидливи аналитичари, сиви партиски еминенции, кланови и фракции и партократски извршители, влијателни и моќни само во состојба на “совршена бура”. Како потпалувачи и поданици. Чии? На граѓаните и нивните интереси, сигурно не.

Оваа “совршена бура” треба да ни го замати погледот. Од единственото логично прашање: зошто сега кога Северна Македонија е членка на НАТО и кандидат со отпочнати преговори со ЕУ; треба да биде полоша држава од претходно? Дали можеби, токму затоа што е членка на НАТО и на прагот од кој нема враќање назад, европска држава? Назад во туѓите митови, назад во непостоечки држави, назад во канџите на фобиите, кои се разгоруваат по потреба? Назад, каде што всушност цело време, речиси цел политички естаблишмент и бил. И се’ уште е.

Само во “совршената бура” наменски креирана, бруталното и пресметливо насилство што го гледаме е прифатливо и оправдано. Само во “совршената бура” лажната одбрана на идентитетот кој се уништува секојдневно со незнаење, негрижа и индоктринација е повод, предуслов, “оган” за таа да ја одржи силата. Затоа што “совршената бура” им е потребна на сите оние кои и не знаат поинаку да “се занимаваат со политика”. И на сите оние кои ЕУ ја гледаат како закана за сопствената лукративност, неказнивост, отсуство на правила и стандарди и крај на “наследената доминација”.

А, ние сите останатите? Исто како и кога ќе дојде вистинската бура. Да чекаме да помине. Со или без предупредување. Сонцето е на повидок. Како и после секоја бура, која единствено треба да се преживее.



Претходна статија

ЕУ за пари или ЕУ за вредности?

Следна статија

Ова не е веќе истата Софија*

Најново од Ваш став