Спасовски: Лажните дојави за бомби доаѓаат од адреси од Иран и од Русија
Од адреси во Русија и Иран, деновиве пристигнувале лажни дојави за бомби во училиштата, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Рече дека истрагата за дојавувачите ја отежнува фактот што тие користат виртулени конекции, а услугите ги плаќале со крипто валути.
Според форензиката во МВР, дојавите одат преку ВПН адреси. Како што објасни Спасовски, Министерството има и сознанија за дојавување на бомби од територијата на Македонија, а јавноста ќе биде информирана кога ќе дојде време за тоа.
Спасовски потсети дека има нови упатства, мерки и планови што се преземаат за вакви сајбер закани. Според новите протоколи ако училиште на електронската адреса добие закана за поставена експлозивна направа, првично полиција ќе прави проверка додека трае наставата. Во случај да пронајдат нешто сомнително тогаш ќе се евакуираат учениците и вработените во училиштата, по што ќе се извршат деталните проверки.
Министерот смирува дека состојбата е целосно под контрола.