Според Османи Груби не е сменет туку унапреден
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека вчерашните насловите во медиумите биле погрешни, во смисла дека некој бил сменет во ДУИ. Тој вели дека не е вистина оти некој од министрите на ДУИ се сменети од партиските функции, туку само е избрано ново раководство.
„Дури мислам дека Артан Груби е унапреден бидејќи е член на ова централно претседателство. Односите се добри. Пак ќе кажам, политичките организации се всушност составени од луѓе кои претставуваат различни електорати,“ објаснува Османи на новинарските прашања за вчерашниот вонреден состанок во ДУИ на кој беше избрано ново раководство.
Османи коментирајќи ги вчерашните случувања, проблемите во партијата ги спореди со проблеми во семејството, истакнувајќи дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети воспоставил нов модел за обновување на партската организација.
„Али Ахмети е незаменлив како лидер на партијата, тоа е без дилема “ изјави кусо Османи.Тој очекува нова енергија во партијата да донесат „старите кадри “ кои и претходно беа дел од раководството на партијата.
Дел од новите членови на раководството на партијата се потписници на отвореното писмо објавено на 24 септември од „Огнената група“ во која се бараа јавно реформи и измени во работата на актуелното партиско раководство. Групата јавно бараше одговорност од вицепремиерот Артан Груби и отчет од останатите министри на ДУИ.
Извор: nezavisen.mk