СРДЕЧЕН ПОЗДРАВ ОД СРЦЕТО НА ОХРИД: ДО НАС Е И НАШЕТО НИСКО НИВО НА КУЛТУРА И СОВЕСТ!

Ситуацијата и сликата иста или слична како вчера. Насекаде расфрлано ѓубре, кантите полупразни, а околу нив и доле преполно. Иако охридската Комунална хигиена очигледно работеше со својот полн капацитет уште од раните утрински часови, навистина беше тешко да го средат сиот овој хаос и неред оставен од несовесните граѓани. Имав прилика изминатава ноќ да ја поминам и јас под отворено небо на охридското крајбрежје, па така можев да забележам многу работи. Засегнат и револтиран од целата ситуација решив да дадам и мој мал придонес во ова. Секако веќе ме стигнуваше сонот и уморот од напорната работна вечер, па решив да му се спротиставам со уште малку работа како би останал буден. Имам прилика веќе четврта година по ред секоја летна сезона да работам и живеам во Охрид, може така да се каже. Досега не сум забележал ваква ситуација како во овие изминати два дена никогаш во претходните четири години. Дефинитивно е до нас, совеста и културата ни се на многу ниско ниво. Вредните работници полека но сигурно го расчистуваа сиот смет, и изненадени од мојот скромен придонес успеавме и да поразговараме малку, па им објаснив дека работам со сладолед, и ги поканив со своите дечиња на еден заслужен сладолед со својот огромен труд.

Сместувачките капацитети во Охрид викендов се исполнети во целост, па како многу други, така и јас не успеав да најдам за измината ноќ едно сопче и одлучив ноќта да ја поминам на охридското пристаниште, уживајќи во изгрејсонцето. Мислев дека ќе имам тешка и долга ноќ. Но верувајте не секогаш топлиот, мек и удобен кревет е она што ви треба. Пристаништето крие толку многу тајни и спомени, искажани, остварени и неостварени љубови. Долги пијанки со другарите, многу шеги и дружби. Плисокот на брановите кои упорно удираа во сите закотвени пловечки објекти. Посебна магија има ова место, и ова пристаниште барем за мене. Со задоволство би ги поминал и останатите неколку ноќи овде, но невозможно е задоволувањето на основните хигиенски потреби. И мерките за заштита не се почитуваат во целост. Драги мои чувајте се…
Срдечен поздрав од срцето на Охрид.

Автор: Рами Закија