Сребрена Тракија, помеѓу цивилизацијата и наметнатите наративи
Facebook статус на Никица Корубин
“Тракијците важеле за исклучително воинствени и безмилосни племиња, но таа нивна темна страна денеска ја засенува блесокот на уникатната обработка и уметничка изработка на тракиското сребро и другите артефакти што се изложени сведочат за едно високо ниво на естетика во време на свирепост”, вели македонската министерка за култура на отварањето на исклучителната изложба “Сребрена Тракија” во Археолошкиот музеј, отворена за јавноста од денес.
Па, потоа продолжува: “Впрочем Херодот ќе напише: „Тракијците би биле најмоќни од сите други племиња да немале една кобна фалинка во својот карактер – обожавале меѓусебно да се борат и да се во постојан конфликт“. И во тоа е суштината на вредностите што како научена лекција во овој век треба да ги споделуваме – да соработуваме, да се почитуваме и да го ползуваме најдоброто од минатото како културна вредност, додаде денеска министерката во своето обраќање”.
Непознато е кој ги пишува овие официјални, формални обраќања на министерката за култура, но се претпоставува дека тие би требало да бидат соодветни за поводот: отворање на исклучително значајна изложба на артефакти, светски познатиот тракиски накит, главно од архајскиот и класичниот период. Она што е посебно, не е само накитот, туку и самите тракиски гробници, каде што е тој најден, чија имагинација е потребна кога ќе се погледне изложбата, а е непотребна кога ќе се посетат во соседна Бугарија. Но, како оваа врвна цивилизациска изработка, може, по зборовите на министерката за култура и нејзните советници да биде изработен од “безмилосни, свирепи племиња, со кобна фалинка во својот карактер”?
На страна што вакво наводно “историско” изразување е елементарно недомаќински за гостувачка изложба, туку зошто нашата министерка воопшто се впушта во “стручни” толкувања, која би требало да им биде препуштено на гостите од Бугарија кои самите треба да ја претстават сопствената култура, или во најмала рака на археолозите од двете страни кои практично ја организирале изложбата. Која е таа потреба да се стави, “политички” односно политикантски печат, во духот на нашиот добро познат наследен наратив на дефинирање на “историските вистини”, чија наводна супериорност провејува и во оваа несреќна изјава.
Што е всушност спорно во оваа изјава, освен што е суптилно провокативна? Прво терминологијата е апсолутно несоодветна и застарена, затоа што не може истовремено да се зборува за “уникатна уметничка обработка на тракиското сребро”, а тие што го изработиле да се квалификуваат како “свирепи племиња”. Елементарната логика вели дека, за да се дојде до фаза на изработка на накит, има многу предфази: организиран форма на државност, техника на ископување на руди, знаење на обработка на рудите, умешност на изработка на накитот, развиени комуникации, аристократија за која е наменет накитот, власт итн. Ништо од ова не е можно кај фазата на развој “племе”.
Но, не само логиката, туку тоа го велат и историските извори, односно извор кој го цитира и самата министерка, Херодот. Иако, цитатот не е цитат, туку редактирана верзија, надвор од контекстот кој го пишува Херодот, и кој изворно звучи вака: “Тракијците, после Индите, се најголемиот народ на светот. Доколку би имале само еден владетел и да биле сложни, они по мое мислење, би биле непобедливи и најсилен народ на светот. Но, они за тоа не се способни, и тоа кај нив не може да се случи, па затоа се слаби. Имаат многу имиња по различните области …”.
Различен контекст, нели? И зошто се цитира Херодот, а не Тукидид кој и хронолошки е поблизок до темата на самата изложба, па одлична можност, преку делот за походот на тракискиот крал Ситалк на делови од денешна Северна Македонија, да се спојат, тракиската, пајонската и македонската култура од 5-от век п.н.е. Иако, интересен материјал за пајонско-тракиската култоролошка блискост, дава и самиот Херодот.
Но, за тоа треба знаење, добра волја и ослободување од застарениот наратив, со кој за жал се служи голем дел од нашата научна и политичка заедница. Што од ова недостасува, што е намерно (зло)употребено, а што не смее да се промени по никоја цена, е јасно за секој кој сака да види.
Во меѓувреме, задолжително, да се погледне оваа извонредна изложба, за една исклучителна култура во време на големиот подем на цивилизациите на овие простори. Со (о)слободен ум, со јасен културолошки и цивилизациски пристап, и со многу љубов. Само така паѓаат сите вештачки и наменски изградени паравани на предрасуди, фобии и омраза. Овие “Бугари”, хомерските Тракијци, се едни од темелите на источно медитеранската цивилизација. Онаа на која припаѓаме и ние. Од знаење никој не видел лошо, ама од незнаење никој не видел аир. А, ние нели само за добро се залагаме …