|

Средба на министерката за одбрана Петровска со новоименуваниот амбасадор на Косово Ќехаја

Амабасадорот Ќехаја изрази благодарност за средбата и порача дека Косово е посветено на одбранбената соработка со Македонија.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со новопоставениот амбасадор на Косово во Македонија, Флоријан Ќехаја, со кого разговараше за развојот на билатералната одбранбена соработка, како и за регионалната стабилност и безбедност.

„Македонија е силно посветена на регионалниот мир и безбедност – факт кој може да се види преку учеството на припадници на Армијата во рамките на НАТО мисијата на Косово, КФОР, како и учеството во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, ЕУФОР АЛТЕА“, рече министерката Петровска.

Министерката на средбата се осврна и на Планот за билатерална соработка кој вклучува 18 активности и кој предвидува соработка на полето на военото образование и тоа преку студирањето на питомец од Косово на Воената академија, како и експертиски разговори во повеќе области и заеднички вежби и обуки.

Амабасадорот Ќехаја изрази благодарност за средбата и порача дека Косово е посветено на одбранбената соработка со Македонија.

Двете земји го обновија Меморандумот за соработка во април годинава, а во 2021 година потпишаа и Меморандум за разбирање во доменот на односите со јавноста и справувањето со лажните вести и дезинформациите.



Слични Објави