|

ССМ бара одмрзнување на минималната плата, Трендафилов порача веднаш да се зголеми

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, порача дека минималната, но и сите останати плати во државата мора итно да се зголемат. Според него, работниците со сегашните примања не можат да си ги покријат основните животни трошоци.

На дебатата „Текстилијада 9“ во Штип, Трендафилов истакна дека просечната плата од околу 400 евра е недоволна за еден месец. Тој додаде дека дури ни две минимални плати не ја покриваат синдикалната потрошувачка кошничка, што е аларм дека итно е потребно покачување на минималната плата на најмалку 500 евра.

„Во регионот веќе има минимални плати од 500 евра, а на места и до 800 евра. Младите нема да заминуваат во Германија ако имаат можност да заработуваат повеќе во соседните земји – Србија, Босна и Херцеговина или Албанија“, рече Трендафилов.

Тој потсети дека уште од 2011 година синдикалната минимална кошница е основа за носење на Законот за минимална плата. Од тогаш се организирани 22 протести и два штрајка, со цел да се издејствува зголемување на примањата.

Според пресметките на ССМ, за четиричлено семејство се потребни најмалку 65.000 денари месечно за да ги покрие основните трошоци, додека за „покомотен“ живот како оној на функционерите – најмалку 100.000 денари.

Во врска со најавата на премиерот Христијан Мицкоски за повеќе потрошувачки кошнички за различни категории граѓани, Трендафилов оцени дека тоа нема суштински да ја подобри состојбата. „Ниту синдикалната кошничка, ниту владините пет кошнички нема да ги прехранат семејствата. Решението е јасно – минимална плата од 500 евра уште вчера требаше да се воведе“, нагласи тој.

Осврнувајќи се на новиот Закон за работни односи, Трендафилов истакна дека дијалогот е закочен веќе седум години. „Ако во тој период новороденче може да тргне во прво одделение, тогаш станува јасно дека не станува збор за целосно нов Закон. Наместо тоа, гледаме брзи измени на штета на работниците, без социјален дијалог“, предупреди тој, посочувајќи примери како можноста работниците на проектот „Бехтел и Енка“ да работат по 12 часа дневно или повеќе од 70 часа неделно.

Според ССМ, по изборите мора да започне вистинска расправа и дијалог за нов Закон за работни односи или измени на постојниот, при што интересите на работниците треба да бидат заштитени.



Слични Објави