|

Стапија во сила нови правила за одобрување на возила согласно европските стандарди

Од денеска почнува да важи нов Правилник со кој се воведуваат новини и европски стандарди за одобрување на типот на возилото, единечното одобрување, идентификацијата, оцената на техничката состојба и издавање потврди за исполнетост на техничките барања.

Клучната промена е тоа што, по 17 години од донесувањето на Законот за возила, неговата примена конечно се усогласува со европските стандарди. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека измените биле претставени на работен состанок со повеќе од 40 овластени застапници и импортери на возила.

Новините предвидуваат:

  • Одобрување на тип на возило за сите варијанти и изведби според европскиот WVTA документ, освен ако импортерот не побара поинаку;
  • Единечно одобрување ќе се врши само за возила без тип-одобрение во државава и ЕУ, преку Бирото за метрологија;
  • Возила со претходно одобрен тип во ЕУ или во Македонија ќе минуваат само низ постапка за идентификација и оцена на техничка состојба;
  • Импортерите имаат обврска да издаваат потврди за исполнетост на техничките барања за сите возила со европско или национално тип-одобрение, додека за останатите потврдите ќе ги издаваат независни институции прифатени од Бирото за метрологија.

Со новите правила, се укинува потребата од TÜV потврди за кои досега се трошеле околу 1,3 милиони евра годишно, најмногу кон странски компании. Процесот сега ќе се регулира преку домашни овластени застапници, цените на услугите ќе бидат регулирани со правилник, а потврдите ќе чинат од 40 до 50 евра. Роковите за одобрување на тип во Бирото за метрологија ќе се скратат двојно, што ќе овозможи побрза и поефикасна постапка.



Слични Објави