|

На полноќ завршува рокот за потписи за независни кандидатури за локалните избори

На полноќ истекува рокот за собирање потписи за независни кандидатури за Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), до саботата потписи за кандидати за градоначалници се собираа во 16 општини за вкупно 22 кандидати, додека за членови на советот се собираа во 11 општини за вкупно 12 листи.

Потписи за кандидатури за градоначалници се прибираа во: Македонска Каменица (двајца кандидати), Куманово, Дебарца, Охрид, Струга, Дебар, Центар, Демир Капија, Македонски Брод, Кочани, Битола (двајца кандидати), Могила, Новаци (двајца кандидати), Гостивар, Демир Хисар (четворица кандидати) и за Градот Скопје.

За советнички листи потписи се собираа во: Македонски Брод, Кочани, Чешиново-Облешево, Битола (две листи), Могила, Свети Николе, Лозово, Карпош, Дебар, Куманово и Старо Нагоричане.

Рокот за поднесување листи за кандидати за градоначалници и советници трае до 13 септември. До 11 септември е можен увид во Избирачкиот список во сите подрачни канцеларии и одделенија на ДИК, а паралелно тече и процесот на пријавување за набљудување и известување од изборите.



Слични Објави