СТАРЕЕЊЕТО И СТАРАТА ПОПУЛАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА
Демографската структура во нашата земја па и пошироко во регионот евидентно е дека трпи сериозни промени. Имено, многу анализи и истражувања покажуваат дека како резултат на подобрениот квалитет на живот, потоа подигнување на степенот на здравствената заштита и услуги како и мигрирањето на младата популација кон прозападните држави, допринесува за депопулација и евидентно стареење на населението кај нас и во регионот.
Според податоците од последниот попис во 2002 година во Република Македонија, 11% од вкупното население се стари лица со возраст над 65 години, односно 15% се стари лица над 60 години. Ако се земе предвид фактот дека од пописот во 2002 година до денес се поминати 19 години, тогаш оваа бројка од 15% стари лица треба да се земе со резерва за вкупното старо население во нашата држава. Во одредени општини овој процент е и доста повисок. На пример, во општина Новаци тој процент е 26%, во Стари Нагоричане и Дебарца е 28%, Другово 24%, Вранештица 27% (податоци од споменатиот Попис). Во вакви рурални општини, покрај високиот процент на старо население, воочлив е и проблемот на неизградена инфраструктура и недостапност или оддалеченост на материјални ресурси за задоволување на нивните основни потреби. Не е за занемарување и висината на процентот на старо население и во одредени урбани средини. На пример, во централното градско подрачје на општина Центар, Скопје, има 17% старо население, општина Кисела Вода 13%, општина Карпош 15%, Ресен 18%, Свети Николе и Охрид по 12%, Прилеп 13%, Крушево 15%, Македонски Брод 19%. (Попис-2002 год.).
И покрај ваквата состојба, досега во Република Македонија, многу малку внимание се посветува на социјалната заштита на старите лица. Она што го нуди постојниот Закон за социјална заштита се формите на институционална и вонинституционална заштита на старите лица.
Институционалната е претставена преку постоечките четири дома за стари лица, од кои три (Киро Крстески – Плетник – Прилеп, Сју Рајдер – Битола и Зафир Сајто – Куманово) се под надлежност на локалната самоуправа, а одделот Мајка Тереза при Геронтолошки завод 13 Ноември, по неуспешниот процес на децентрализација, повторно е вратен под државна капа, односно под МЗ и МТСП. Вкупниот капацитет на овие четири дома е 564 легла, што значи дека тие ги задоволуваат потребите на само 0,3% од вкупното население, што е далеку од европските стандарди според кои со институционална грижа треба да бидат опфатени 3 до 5% од старата популација. Овие институции прават напори да ги усогласат стандардите во поглед на опремата и просторот, и старите лица се задоволни од сместувањето, исхраната и односот на вработените кадри. Сепак, загрижува фактот што нивното секојдневие се сведува на задоволување на основните егзистенционални потреби, а работните активности и секојдневниот културно-забавен живот кои требаат да им овозможат достоинствен живот во староста, во голема мера се занемарени.
Покрај државните, Законот за социјална заштита овозможува отворање и на приватни домови за стари лица. Овде секако мора да се напомене непобитниот факт дека полека се напушта културолошкиот и традиционален начин на чување и грижа за нашите блиски возрасни и стари лице во домашни услови. Промената на секојдневието, брзиот ритам на живеење, се поголемата конкуренција на пазарот на трудот направи да вработените лица едноставно немаат повеќе потенцијал, средства, ресурси… да покрај подигнувањето на своите деца (младата популација) грижата за нив, проблемите со секојдневната егзистенција допринесоа да оваа наша култура на живеење и традиција, полека се напушта дури и под сугестија на самите стари лица. Доколку во минатото беше срам да се смести родител во установа сега веќе станува неопходност и нормален чин во нашето битисување. Во моментов има дури 34 приватни дома кој се сите лиценцирани од страна на МТСП. Што евидентно ја покажува големата побарувачка за згрижување на овие наши граѓани но, како проблем останува високата цена на нивните услуги што ги прави недостапни за поголемиот број на стари лица кои имаат потреба од вакво сместување.
