КОКИ БЕЗ КИКИ И СО ТАМИ, НО ПРЕД ПУБЛИКА
Еве вака. Денеска читам статус на Боки 13-ка, како е застанат во одбрана на Тамара за пропустот на химната што ја пееше. Си ја брани и нормално е тоа. Другарка му е. За Тамита дека ја оплеска и дека си заокружи крај на кариерата на наше тло, да. Дека сме со поган јазик сите да. Поентата ми е друга. Ако сите вие до сега како што собравте ваква огромна сила да ја нападнете пејачката, зошто не се собравте на истиот начин со иста сила, да ги нападнете политичарите кои до сега 28 години не крадат и лажат? Името го смениле. Се истепавте за еден стих, но не ве видов во таква огромна бројка како за Тамара да излезете и да протестирате. Најлесно е да се удри по малиот.
Знаете зошто просечната месечна плата ни е на ниво од три дена работа во друга европска земја, нели? Знаете, знаете. Знаете ли дека на ниво на Македонија дури и немаме некои болнички апарати што се измислени во 1990 година? И тоа знаете. Знаете ли дека уште имаме улици без асфалт? Знаете. Знаете ли дека возиме „канти” втора употреба, бидејќи немаме пари за нови како луѓето од белиот свет? Знаете ли дека секоја недела умираат родилки поради немање на лекарски кадри, нечистотија, односно несоодветни услови за лечење? А знаете ли колку има што немаат леб да си купат? Или што молат за пари по социјалните мрежи за да се лекуваат по странство? Абе вие се си знаете. Но наместо да станете и да кренете глас за тоа, полесно ви беше да го исфрлите целиот гнев на Тамара. И да се разбереме. Не ја бранам. Тамара згреши. Ама рибата не смрди од крајот. Рибата смрди од главата. Ајде баш да видиме на следните избори колку ќе бидете силни. Баш да видиме дали како што ја „линчувавте” Тамара, ќе им наплатиле и на оние што 28 години не уништија!
п.с: Верувам дека Тамара ќе ја научи химната после сѐ. Но дали вие ќе се научите да се буните конечно за важните егзистенцијални прашања?! Дали конечно ќе ги избркате оние кои го почнаа сето ова? Сигурно Тамара не ви „пеела“ погрешно 28 години! Ако не, тогаш бидете подготвени следниот пат, некоја друга пејачка да ви испее друга песна на местото од химната и да се поклоните.
Автор: Елизабета Најдоска Величкова