|

КОГА КРЧМАРОТ ЌЕ СИ ДОЈДЕ ПО СВОЕТО (4)

Постои и друга, политичко безбедносна оценка за настаните во Македонија во тие моменти. Стариот македонски револуционер Пецо Трајков, како пројавен антифашист, во тоа време е командант на партизанската бригада “Гоце Делчев” и дејствува во Македонија, во рамките на НОВ на Македонија. Покасно, во својата книга “Национализмот на скопските раководители” тој ќе напише: Убиствата низ Македонија беа наредени од Александар Ранковиќ, Светозар Вукмановиќ Темпо и Милован Ѓилас. Извршителите на злосторничката наредба беа Цветко Узуновски Абаз, Михаило Апостолски и Боро Чушкар, а се се одвиваше под раководењето и координацијата на Славе Максимовиќ, тогашен шеф на УДБ-а во Скопје, за што беше награден со место на министер за внатрешни работи на Црна Гора.

Дали власта знаела што се случува низ Македонија, дали некој од нив знаел што прават наследниците на поетот кој сакал “црвена крвца”, дали на некој му текнало дека сега има нови “ќосиња”. Веројатно, да, знаеле…речиси сите биле белградски воспитаници, а многумина ги носеле во себе, како поетските стихови на младиот поет-ликвидатор, така ја имале во наследство и историјата на Ќосето…само, тука некаде, ги помешале лончињата. Имено, секое убиство од Ќосето е извршено по наредба на ЦК на ВМРО или лично од Гоце Делчев, сето тоа во услови на непостоење на сопствена држава, ликвидацијата е за конкретни дејствија, а педесетина години подоцна, партизанските “ликвидатори-ќосиња”, при постоење на македонска држава, војска и полиција, убиваат по слободен избор, или по заговор на некакви недефинирани политички групи. Но, целото македонско раководство знаело што се случува и сите биле согласни. Судбините на уапсените биле предречени, а за идните ликвидации немало никакви двоумења.

Второто заседание на АСНОМ од 28 до 30 декември 1944 година ги потврдува насилието и беззаконието. Страшни гласини се слушаат од говорницата, а сето тоа денес може да се прочите од официјалните документи на АСНОМ. Во својот говор, Љупчо Арсов јасно укажува дека “при градењето на државата ќе се сретнеме со голем број противници, кои грубо ги поврдиле националните интереси на македонскиоот народ.” Никола Минчев ќе напомене, за народот да не заборави дека, “за да се изгради моќна Југославија, треба да се потпомогне српскиот народ бидејки тој народ даде жртви за слободата на својот и македонскиот народ…, а Киро Миљовски својот говор го завршува со прокламацијата “Смрт за предавниците”, проследен со аплаузи од целиот состав. Најдиректни од сите се Лазо Мојсов и Лилјана Чаловска. Мојсов отворено бара смртни казни за сите престапници, да се судат на самото место и тука да се егзекутираат, а Чаловска ја пали салата со изјавите дека “одмазда, одмазда сака народот”. Од сите говорници единствено Ченто се држи мирољубиво, неговите излагања се без закани и навреди, но и тој е свесен дека нештата тргнале во насока која не може да ја смени. Сигурно си ја претчувствува и сопствената судбина.

Работите стануваат многу јасни кога весникот Нова Македонија во бр 30 од 11. 1. 1945. во својата уводна статија насловена “Да го пазиме единството во нашите редови…” во еден многу долг текст за тоа време, авторот ќе напише уште на почетокот, дека треба “да се убијат убијците, чкатровци, ѓузеловци, китинчевци, тома-петровци, кочо-робевци и др.” Текстот е објавен само два дена пред велешкото злосторство и тој, не само што ја предречува судбината на велешаните, туку и ја потврдува, верифицира нивната смрт, како и сите претходни злосторства.

Случајот на петмината студенти од Струмица, познат како “Струмичка петорка” е општопознат на македонската јавност. Имено, петмина струмички студенти, Стево Топчев, Мирко Пецев, Јармов, Белев и Ѓорги Костуранов се приведени од органите на УДБ-а од градскиот парк во Струмица, одведени до границата со Грција кај селото Дорломбос и ладнокрвно убиени. За настанот е снимен и филм во режија на Горан Тренчовски, филмот е виден од македонската публика и релативно добро оценет. Треба само да се напомене дека физичките егзекутори на младинците од Струмица не се откриени, но се знае дека тогашниот партиски секретар на Струмица, Мара Минанова е инспираторот и директниот наредбодател за егзекуцијата, а во тоа учествувал и некој си струмичанец Фончев. Минанова својот живот го заврши во лудницата во Бардовци, а струмичани велат дека ја стигнала “божјата казна” за стореното. Не верувам во тоа, мислам дека жената била луда од раѓање и само таква можела да се искачи толку високо на македонските болшевички скалила на хиерархијата. Фончев го имам видено во Струмица. Си го пиеше кафето мирно и слободно, тој со Бога “немаше врска”…никогаш и немал.

Злосторот во Струмица е последниот чин на колективно убиство на невини луѓе, убиство без суд и пресуда. Тоа е официјално извршено на 13 август 1951 година и со тоа се става крај на шизофрената епоха на владеењето на “воениот комунизам”. Повеќето од “освојувачите на слободата” се веќе ликвидирани, а преживеаните ќе треба да ги откриваат и наложуваат новите, демократски патишта за достап до идеалите на слободниот свет.

Автор: Владимир Перев

Третиот дел од написот можете да го прочитате овде.

Продолжува…



Слични Објави