КОГА КРЧМАРОТ ЌЕ СИ ДОЈДЕ ПО СВОЕТО (3)
Има некоја закономерност во извршените убиства, која нема никва врска, нито со бугарската власт, ниту со некаква идеологија. Имено, Александар Хаџиздравев, бил јавен обвинител на градот за времето на војната, соработувал со бугарскатите безбедносни служби на професионално ниво, па затоа и знаел, кој од уапсените партизани и комунисти, како се држел за време на истрагата. Неговото убиство е стокмено уште кога партизаните биле во гората, организирано е така, тој да биде убиен од негов комшија, некој фурнаџија, а на делото да му се даде призвук дека биле тоа комшиски недоразбирања. Некој сакал да ги прикрие трагите за сопствената соработка со бугарските служби за безбедност. Ордан Дебеломесо и Коце Ќурчиев биле веројатно најстарите членови на КП на Југосавија во Прилеп уште од 1921 година, лежеле по затворите во Сремска Митровица и Лепоглава и би можеле многу нешта да кажат за држењето на некои пројавени комунисти пред српската кралска власт. Нивните врски со комунистите уште од времето на Милан Горкиќ и Петко Милетиќ биле дебели и стигнувале како до Белиот двор во Белград, така и до хотелот “Лукс” во Москва. Тие требало да бидат ликвидирани без суд и пресуда, затоа што мртвите не говорат.
Убиени се и дваесетина Бугари од месната администрација, на чело со командантот на гарнизонот, некој подполковник Белчев. Убиствата без суд и пресуда требало да се прошират и на други луѓе, но Ченто, тогаш сеуште на власт, го спречил планираниот колеж од поголеми размери во Прилеп. Интересна е смрта на Димче Топличанец-Клајнето, Тој бил одведен кај Темпо на разговор, Темпо наводно му ги простил сите “пробугарски” гревови, под услов да ги даде имињата на пријателите и другарите на Методи Шаторов-Шарло од Прилеп. Клајнето одбил и Темпо лично го застрелал на лице место. Прилеп е познат и по еден куриозитет. Таму “народната власт” организира толпи на млади луѓе кои по цели вечери шетаат по улиците, бараат “смрт за народните непријатели” а најинтересна е паролата “Зора Думбалица сапун ќе ја правиме.” Аммааа идеја, правење сапун, а велат никој не знаел за судбината на Евреите. Паролата се однесува на Зора Геракарова Думбалоска, која подоцна е убиена од нејзиниот сопруг, верен припадник на новата власт…нормално, убиството поминува неказнено…
Абе, каков Ќосето, какви бакрачи, тој ти бил аматер, обичен дилетант во работата…овие биле уметници, го читале Абраш.
Во Куманово листата изгледа страшна: д-р Јосиф Андонов, лекар, бивш член на ММТРО, за потоа да биде Крсто Лазаров-Кумановски(Коњушки), 70 години, стар војвода на ВМРО и борец, како против турците, така и против србите, Богдан Шеќерџиски, Трајко Џимрески, Киро Мургашински, Петар Кралевски, Тодор Сопотски, за потоа цела една плејада на луѓе од 32 до над 70 години, за да заврши со убиството на стариот егзархиски учител уште од турско време, Теодоси Џартов. Вкупно 48 души, на сите им се знаат имињата и презимињата, сите, речи си сите, до денешен ден имаат семејства во Куманово.
Во Куманово се издвојува случајот на несреќниот егзархиски учител и првиот бугарски кмет, Теодоси Џартов. Веќе во зрела старост тој бил уапсен и сослушуван, веројатно неговите изјави не биле по кеифот на иследниците, па бил прогласен за болен и однесен во болница. Бил фрлен од прозорецот на вториот кат во болницата, само неколку минути по средбата со семејството. И тој никако не смеел да стигне на суд. За време на кралска Југославија, како “пројављени бугараш”, бил осуден на шест години строг затвор и робијал низ Митровица и Лепоглава. Таму се сретнал со многу од комунистите, знаел за нивното затвореничко поведение и соработката со власта, па затоа требало да биде замолчан, без суд и пресуда…
Куманово го следи уште еден “убиствен” куриозитет. По влегувањето на партизаните во градот, за командант на градот бил поставен некој Кочо Попов, кумановец, книжар по професија и човек со напредни убедувања. Уапсените лица на чело до д-р Јосиф Андонов, Крсто Лазаров Кумановски, Мургашински, Џартов и другите му биле представени, за нив се издала наредба за затворање и биле одведени во затвор. Кога за тоа разбрал Светозар Вукмановиќ-Темпо, наредил сите веднаш да бидат стрелани без судење. Кочо Попов се спротиставил, тврдел дека се работи за чесни и одговорни граѓани и дека судот треба да се изјасни за нивните дела. Темпо во неколку наврати се распрашувал и наредувал да се изврши егзекуција на сите, но Кочо Попов не попуштал. Конечно, Темпо му испратил телеграма и го повикал на “консултации” во Белград, а “патриотите темповисти и колишевисти” од УДБ-а ја завршиле работата во отсуство на командантот Попов.
За убиените во Велес на 14 јануари 1945 година се знае речиси се што е потребно. Излишно е овде да се преповторуваат општопознатите факти за насилието врз тие луѓе, но сепак, не е на одмет да се кажат некои нешта кои не се нови, но се помалку познати. Главната личност на трагедијата во таа мрачна јануарска ноќ е познатиот велешки лекар д-р- Богдан Поп Ѓорчев. За него се е познато, завршил медицина во Виена, неговата сопруга завршила фармација во Виена, тој бил еден од основачите на ММТРО а сопругата била основач на женската секција на ММТРО. Двајцата живееле во Велес. Треба да се знае дека Богдан имал четири полициски досијеа: едно југословенско од кралската полиција кое сега е во архивите во Белград, едно од австриската служба за безбедност, едно од бугарскта служба за безбедност и конечно, едно посмртно, направено од УДБ-а. Никаде, во ниту едно од досијеата не стои дека бил било каков соработник на службите, тој бил само набљудувана личност од интерес на службите, заради своите патриотски (бугарски) чувства. Бил син на македонската земја, тука се родил, кога завршил фалултет тука и се вратил да работи…се друго се приказки со идеолошка потка…нека сега некој тоа им го продаде на Ахмети и Албанците во Македонија.
Во неговото удбашко досие, никаде нема дека некого поткажал, дека некого наклеветил или дека одбил да даде помош некому. Напротив, има сведенија на велешени кои велат дека “тој знаеше каде припаѓаме, знаеше од каде е раната од куршумот, ама не кажа никому; дури и ни даде пари за лекови”. Е, има изјави дека се возел во колата (или фијакерот, кај удбашите не е јасно) со германскиот командант на градот…па со кого сакате да се вози германецот, роден виенчанин, па нема сигурно со велешките копуци кои саглам ни македонски не знеле, а бога ми, и сега не им врви јазикот најдобро. Па во цел Велес, само тој бил академски граѓанин обарзуван во Виена, исто така и неговата сопруга, па во која куќа ќе слуша радио германецот и со кого ќе пие “армањак”…
Велешкот случај, освен по бројноста на жртвите, носи со себе и други куриозитети. Наводно, никој не знаел каде се закопани 53 убиени велешани, роднините ги барале телата да ги покопаат, но насекаде наидувале на кренати раменици и неопределени одговори. Но вистината е друга…многумина знаеле но не смееле да проговорат. Херојот на оваа приказна е обичниот човек, патриот од с. Отовица, велешко, Тодор Гулев. Мој пријател од давно време, во една од богатите вечери во неговиот гостољубив дом, ми кажа дека тој и со затворени очи, на полноќ, може да го најде местото каде се стрелани велешаните. Новинарот и фоторепортер на “Фокус” , Драги Новоселски, добар пријател на Никола Младенов и негов протеже (за жал и двајцата се веќе починати), кој беше со нас на гости, веќе следните неколку дена, со новинарот Стево Шароски, исто така од “Фокус”, заедно со Тошо Гулев го пронајдоа местото, навистина на полнок, како што кажа Гулев. За тоа излезе голема репортажа во “Фокус”, и клопчето почна да се одмотува. Се утврди дека затворениците врзани биле однесени на местото на гибелта, не биле стрелани, туку така врзани, биле убивани со чеканни, секири и копачи од неколкумина италијански воени заробеници. Потоа и италијаните биле убиени, тие биле стрелани и сите закопани во една или две блиски јами. Сторијата беше објавена во “Фокус” веднаш по откритеието, некаде во средината на деведесетите години и предизвика голем интерес, но тогавашната власт на СДСМ и Киро Глигоров не се помрднаа. Одговорите беа дека се работело за непријатели на народот, дека некои од убиените биле контрачетници, па осудата на чинот не би имала никаква смисла.
Сега веќе станува јасно, овде се врши јасна дистинкција…Ќосето не претставува никаква вредност, тој е само обичен извршител, ова се “поетски образовани”, последователи на Абраш кои веројатно неговата поезија ја изучувале заедно со Маркс-Енгелсовиот “Манифест” некаде во гората или во длабока илегала, чекајќи го својот час на “црвена освета”.
За приказната да добие свој логичен крај, новинарот Стево Шароски оди за Белград да го бара воениот командант, генералот Јефто Шашиќ, некаква црногорска сељандура испратен во Велес да решава “случајеве народних непријатеља”. Го наоѓа на неговата адреса, на ул. “Пролетерских бригада”, во центарот на градот и сака да земе интервју. Црногорскиот генерал му ја треснува врататa пред нос и го гони надвор. Но не е само Јефто Шашиќ замешан во егзекуциите. За него се знае дека бил “пијаница по професија” и селски насилник, па во новогодишната вечер на Стара Нова година бил заливан со обилни количини алкохол. Тој само ја дал нардбата, а главните егзекутори биле Ратко Пановски, некаков Никче од Св. Николе, кој подоцна станал шеф на милицијата, потоа партискиот активист од Велес, Боро Коробар, а се било извршено по наредба на командантот на Велес, Киро Попадиче…Колишевски знаел за се што се случувало и бил согласен.
Автор: Владимир Перев
Вториот дел од написот можете да го прочитате овде.
Продолжува…

