Херои-помочковци и предавници-дезертери
Пишува: Атанас Величков
Да живеевме во култниот филм „Матрикс“- ремек делото на тогаш браќата, а денес сестрите Вашовски, немаше да има потреба еден непознат „патриот“ со бели фармерки (чија мода барем што се однесува за мажите помина пред некаде 20-тина и повеќе години) да влегува во улогата на помочко, за интересот на нечии туѓи бели дворови. Ќе смислевме некој моќен лик со супер сили, кој виртуелно, со вонсериска точност ќе можеше да го помоча клубот „Ванчо Михајлов“ директно од својот санитарен јазол (без разлика дали истиот е внатрешен или надворешен), без да има потреба да ја покажува својата патриотска бедотија облечена да повториме во бутафорни бели фармерки.
Средностатистичкиот македонски патриот, кој онака природно ги мрази Бугарите, уште од времето, кога Владо Панков го промовираше своето здружение „Радко“ во „Холидеј Ин“ би требало да се срами од помочаниот патриотизам, што му се продава на социјалната мрежа Facebook. Цензорите во оваа социјална мрежа без никакво двоумење би те банирале, ако на 22 март (Младенци) објавиш слика на Адолф Хитлер и Ева Браун, но истите немаат никаков проблем со видео, на кое се документира за идните генерации- вршење мала физиолошка потреба.
Блажени се оние, кои биле во стегите на ваквиот тип патриотизам и успеале да се оттргнат од него!
Идентитетот на помочкото од Битола со белите фармерки, најверојатно ќе остане неоткриена мистерија, исто како ликот на Џек Мевосек од источниот лондонски кварт Вајтчапл. Ќе остане анонимен исто како оние 44 %, од истражувањето спроведено од блискиот до ДПМНЕ институт ИПИС, кои како најголем непријател на РС Македонија ја посочиле Бугарија. „Јунакот“ со слаба бешика, може би и го дал своето мислење во анкетата на ИПИС, ако судиме по тоа, какви карикатури му симнуваат капа на „независниот“ и докажан во својата објективност проф. д-р Владимир Божиновски. Силна фигура токму во институтот ИПИС.
Германците од „Конрад Аденауер“ плаќаат, ИПИС испорачува. По стара западно-европска практика, од Фондацијата се оградуваат од изнесеното во материјалите што ги покриле финансиски. Ставовите изнесени таму, во случајот анализа на поранешниот ДПМНЕ-вски пратеник Александар Спасеновски, по никаков начин не треба да се поврзуваат со ставовите на Фондацијата. Баш демократски, по мерка и на една од најклиентелистичките партии, што некогаш се појавиле во светската политичка историја.
Бугарија е најголемиот непријател на РС Македонија, а во истото време патот на Скопје кон ЕУ, поминува преку Софија. Страшна би била таа трансформација на јавното мислење, од анти во про и во право е професорот Бучковски, кога вели дека работите не можат да се сменат преку ноќ. Иако во еден друг наврат, истиот тој Бучковски во декември минатата година, како одговор на прашање поставено од страна на Петар Колев, тогашен лидер на партијата ГДУ, истакна дека „ако Бугарите во РС Македонија ја поддржат земјата и лобираат за паѓање на ветото, нивните проблеми ќе се решат за една ноќ“. Бучковски дури даде гаранции. Ветото веќе го нема, но се појавија пиромани и помочковци, како одговор на „понижените“од Бугарите, кои ги диктираат правилата.
Страшна би била таа трансформација, исто како трансформацијата на браќата Вашовски, кои веќе се сестрите Вашовски.
Ваква трансформација на ставовите за малку ќе не натераа да поверуваме дека има во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група на партијата Никола Мицевски во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека ДПМНЕ нема проблем со внесувањето на Бугарите во Уставот на РСМ, но после преку социjaлната мрежа Facebook објави демант во кој истакна дека неговите зборови биле извадени надвор од контекст. ВМРО-ДПМНЕ, како едно докажано српско-руско дувло, останува доследна на позицијата дека Бугарите во Уставот нема да влезат, па макар и од тоа да им зависат сите тендери во сите општини со кои раководат.
Ова веќе е аристократски патриотизам, за жал неразбирлив за оние, кои со возхит го дочекаа мокрењето врз влезот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. За нив, од Белата палата подготвија друго шоу, а имено наводното дезертерство на премиерот Димитар Ковачевски од војната во 2001 г. ВМРО-ДПМНЕ навистина е доследна во своето патриотско делување. Тие нè информираа дека и Зоран Заев дезертирал во 2001 г. Подгреана манџа, ама направена по вкусот на оние, кои се навикнати да „јадат“ бајати приказни.
Помочковци, дезертери, патриоти, предавници и команданти… Тие последните никој не смее да ги чепне. Ниту Груевски, ниту Мицковски, а уште помалку храбриот полковник од АРМ Ковачки, се охрабрија да го наречат дезертер, сегашниот спикер на парламентот Талат Џафери, кога тој стана министер за одбрана во владата предводена од бегалецот во Унгарија.
Останува, се разбира отворено прашањето, кога конечно, Бугарија ќе почне да се однесува по мерка на одредени политички, научни и новинарски кругови во РС Македонија!? До каде е струјата, за која некои овде си мислат, дека не само што не треба да ја платат, туку на нив треба да им биде платено за да ја земат таа проклета бугарска струја?!
Одговорите се потребни. Оптимизмот на Бучковски исто! Но, не на последно место треба да се помисли и за патриотите помочковци, оти тие, се единственото покомично нешто од исечениот Мицкоски од фотографијата со војничка униформа, шлем и наочари, која неговите колеги ја споделуваат со цел да ни го прикажат како голем патриот, кој бил на браникот на Татковината. Филип Петровски барем знаеше да позира, ама и Мицкоски ќе се научи, има време. Сега лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има далеку посложена и страшна задача. Како да трансформира дел од своите пратеници во Собрание од потпишувачи на невалидни изјави против влезот на Бугарите во Устав, во поддржувачи на идејата. Трикот со исклучи од партија, па после некое време повикај назад, веќе го видовме. Најверојатно ќе помине, исто како трикот со „дезертерските“ приказни. Мочковците ќе си преќутат, нормалните ќе се усрамат, а Бугарите, Бугарите треба да седат мирни, оти по дома можат да си бидат што сакаат, а надвор, треба да молчат и со сила да се прават недоветни, како оној со белите фармерки одамна излезени од мода. Тоа дами и господа, нема да го дочекате, па макар и да почнете да се помочувате во кревет.