КОГА КРЧМАРОТ ЌЕ СИ ДОЈДЕ ПО СВОЕТО (2)

Црнушанов успеа да ги објави и двете книги на еден публицистички начин, непосредно пред својата смрт, за после него, темата, на свој научен начин да ја дообјасни бугарскиот историчар Веселин Ангелов во своето дело “Македонската крвава Коледа”. Со тоа темата би требало да биде завршена, ама работите не се одвиваат по желба, минатото секогаш се враќа како неплатена сметка…

loading...

Вашингтон, година 1995. Група луѓе од Македонија и Бугарија сме гости на Конвенцијата на Македонската патриотическа организација (МПО) во Вашингтон. На конвенцијата присуствува и Владимир Милчин, повикан да прими Плакета на МПО како признание на неговата борба и борбата на Сорос за демократизацијата на Македонија. Опкружен е со внимание и почит. Неколкумина од нас, од Бугарија и Mакедонија (без Милчин) сме и гости на Стејт Департментот каде остваривме неколку повеќечасовни средби. Атмосферата мирна, стабилна. На конвенцијата треба да говори Џин Киркпатрик, поранешна амбасадорка на САД во ООН. Пред говорот има мал коктел кој го приредува председателот на МПО Иван Лебамов, во чест на гостите од Македонија и Бугарија. Во салата за коктел има фотографии и уметнички слики од речиси сите македонски револуционери, но на самиот влез ја има фотографијата на петмината струмички студенти. Џин Кирпатрик запира и се интересира за судбината на тие “деца” како што рече возрасната дама, а Иван Лебамов со пробрани зборови и ја објаснува нивната судбина и злосторот на комунистичката власт во Македонија, нагласувајки дека ова е “последното колективно убиство без суд и пресуда на недолжни граѓани на Македонија”, напоменувајќи дека сега за тоа се знае нашироко, но нема никакви политички последици по сторителите и иницијаторите.

Ситуацијата е малку морбидна, меѓу нас е Ристо Пецев, внук од брат на еден од убиените студенти, Мирко Пецев. Лебамов го представува на Киркпатрик, со неколку збора објаснува кој е тој (тогаш) млад човек, за сите заедно да тргнеме кон коктелот. Притоа, Киркпатрик се врти кон Пецев велејќи му: “Знам што мислиш, ја знам горчината на твојата душа, но така се освојува слободата…вие таму, треба да се сретнете со историјата” Освојување на слободата, средба со историјата, таа мисла не ми даде сон во последователните неколку дена во Вашингтон, а немирните ноќи беа проследени со замагленото сеќавање на стиховите на Абраш.

Ах, да, да не заборавам, за Ќосето тогаш никој не беше слушнал…но, дали е тоа така, дали сум прав? Не само во вашингтонските бессони ноќи, туку и дома, ме измачуваше едно прашање; дали некогаш се сретнале Ќосето и Коста Абраш, ако не, дали барем чуле еден за друг. Ќосето сигурно не ја читал поезијата на Абраш, а овој може би чул за дејствијата на Ќосето како “народен ликвидатор”…може и да било така, треба само да се има имагинација, да се види кој кого инспирирал.

А сега, за стварноста, без имагинации…



loading...

Жестокоста на новата власт и привилегиите од освојувањето на слободата, први го осетиле граѓаните на Прилеп. Веднаш по влегувањето на партизанските единици во градот, почнува прогонот на сите оние за кои се мислело дека се опасни за народната власт, дури и оние кои биле неблагосклони, но солидарни. За неколку дена убиени се следниве лица: Димче Топличанец-Клајнето, шивач, на 43 години, потомок на еден од паднатите херои на “Ножот” во 1907 год., Ордан Дебеломесо, на 70 години, основач на КП на Југославија во Прилеп, Неговиот син Христо Јорданов-Дебеломесо, студент, Трајче електротехничарот од с. Селце, Коце Ќурчиев, еден од основачите на КПЈ во градот (тој се самоубива при обидот да биде уапсен)…потоа, Александар Хаџиздравев, правник, потомок на преродбенското семјство Хаџиздравеви и внук на еден од основачите на ВМРО, Андон Димитров, потоа неговиот чичко Панче Хаџиздравев, завршил физика и математика на универзитетот во Лиеж, Белгија (од жал за внукот се самоубива, оставајки проштално писмо со зборовите на Даме Груев: подобро ужасен крај, отколку ужаси без крај), Ицко Иванов Срчарот, трговец со стакларија, Илија Ристески-Лажо, Дончо Северски од Варош, бивш организационен секретар на ВМРО во турско време, Мамин Кољо, шивач, Мирко Симоновски, на 65 години, кмет на селото Десово, братучед на Димитар Талев (тој бил обесен лично од Вера Ацева), потоа Илија Оровчанец-Никодинец, засега непознатиот Ицко Радески и Милан Ѓурлуков, од Кривогаштани, стар вмровски војвода.

Автор: Владимир Перев

Првиот дел од написот можете да го прочитате овде.

Продолжува…